Брачен пар го изгуби старателството над бебето заради веганска исхрана

baby

Вегански брачен пар од Италија го изгуби старателството над својот 14-месечен син, откако загрижените баба и дедо го однеле детето во болница, каде што е утврдено дека страда од неухранетост.

14-месечното дете тежело колку просечно тримесечно бебе, пренесува италијанскиот весник Corriere della Sera. Докторите од болницата Fatebenfratelli во Милано соопштија дека нивоата на калциум кај детото биле „минимално доволни за преживување“. Кај детето е откриена и вродена срцева маана која недостатокот од калциум дополнително ја влошил, па била извршена итна операција.

По одбивањето на родителите да ја прилагодат веганската исхрана на детето по барање на докторите, медицинскиот персонал ги известил социјалните служби. Сега детето е под заштитен надзор, барем додека властите да одлучат дали ќе им биде предадено на бабата и дедото, или во дом.

Студијата на Eurispes од 2011 покажа дека вегетаријанци се 12% од популацијата, додека 600.000 луѓе следат веганска исхрана. Сепак, неколкуте случаи во последно време во Италија ги привлекоа очите на јавноста на проблемот со хранењето на децата со веганска исхрана.

Во случајот во Џенова, двегодишно девојче беше хоспитализирано заради недостаток на витамини предизвикан од веганската исхрана за која се застапувале нејзините родители, макар што во овој случај, девојчето останало под нивно старателство.

Во Бергамо, пак, брачен пар заврши на суд откако мажот ја обвини жената за наметнување на макробиотичка исхрана врз синот. Судот побара мајката барем еднаш неделно да му подготвува оброци со месо, а на таткото му е наложено за време на викендите да не приготвува месо повеќе од два пати.

Болницата Fatebenfratelli во Милано
Болницата Fatebenfratelli во Милано

„Можно е детето да следи веганска исхрана, но е потребно внимателно планирање со цел детето да добие доволно неопходни хранливи состојки“, вели д-р Луси Чејмберс – нутриционист во Британската нутриционистичка фондација. „Ризиците од недостаток на хранливи материи се многу повисоки при веганската исхрана. Можно е да се храни бебето исклучиво вегански, но треба да сте добро информирани“.

Секој режим на исхрана кој елиминира одредена храна може да доведе до недостаток на хранливи материи ако луѓето не се посветат доволно на сите аспекти на таа исхрана. „До шестиот месец предлагаме мајчино млеко. Потоа, кога бебето ќе премине на тврда храна, потребно е да се фокусирате на многу овошје и зеленчук, храна богата со железо – темнозелен зеленчук, леб, храна богата со протеини како леќа и грав, како и храна збогатена со витамини и протеини како житарки или пијалоци од соја“.

Посебно внимание треба да се посвети бебето со веганска исхрана да добива доволно витамин Б-12 кој пред сé потекнува од животинската храна, и калциум – кој го има во млечните производи. Чејмберс препорачува млеко од пченица или соја, како и тофу и семе од сусам. Како и возрасните луѓе, здраво бебе веган е бебе што внесува доволно калории, па треба да се посвети внимание да добива храна со висока енергија, како ореви и авокадо.

Претставникот на британското Здружение на вегани, пак, наведува дека извештаите во медиумите околу овие случаи биле „лажливи“, бидејќи наведувале илјадници случаи на неухранетост во Велика Британија, кои всушност не се поврзани со веганството.

„Проблемот со овие случаи е, како и кај секој пример на неухранетост, недостатокот од калории или хранливи материи – нешта кои не се во директна врска со веганската исхрана која може да ги обезбеди сите неопходни состојки за оптимално здравје во било кое доба, вклучувајќи го и раното детство“.

- Реклама -