Божиновска: Јотова живее во фантазии од 19. век, ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин

„Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат“, наведува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во реакцијата објавена на нејзиниот Фејсбук профил по претходната изјава на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека лично ги видела нејзините документи од апликацијата за стекнување бугарско државјанство.

-Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари. Луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија. Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век, напиша министерката.

Госпоѓата Јотова, како што посочува во објавата Божиновска, наместо со ситни полициски подметнувања добро е да почне да се занимава со потребата на Македонците во Бугарија, конечно да бидат признаени како малцинство и да им се овозможат основните човекови права.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова денеска изјавила дека лично ги прегледала документите од апликацијата за стекнување бугарско државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска за да се увери дали таа навела оти има бугарска самосвест, пренесе БТА.

-Јас лично ги видов нејзините документи и декларација, лично потпишана од неа, во која таа наведува дека има бугарско самосвест и потекло,  истакнача Јотова во Ќустендил за време на тркалезната маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година. Кодекс на опстанокот“.

- Реклама -