Министерката за енергетка Сања Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.
„За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.
Бугарската новинска агенција БГНЕС денеска ја објави изјавата во која, тврди, во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло. Во текстот се потврдува дека таа лани во септември поднела барање за откажување, но, според агенцијата, се уште го нема добиено указот за „ослободување од бугарското државјанство“.
Бугарското државјанство на Божиновска беше тема и на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Премиерот Христијан Мицкоски ја бранеше министерката и порача дека е привилегија да се има таков професионалец во владата. На Оливер Спасовски од СДСМ му порача и дека таа е поголема Македонка од сите нив заедно.