На денешната прес-конференција на владиниот портпарол Миле Бошњаковски, тој уште еднаш го повтори образложението од вчера – дека химната и другите свечени активности при посетата на грчката делегација биле изоставени во интерес на времето, а поради доцнењето на авионот на Ципрас. Бошњаковски увери дека химната никогаш не била спорна за Грците, а тоа го аргументираше со неколку примери во кои химната, во периодот по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, била интонирана пред грчки претставници, но и во Грција, без никакви проблеми.
„Националната химна останува. Ниту некогаш се разговарало истата да претрпи измени, ниту ќе се разговара. Химната останува текстуално и инструментално истата.
Вчера, за време на посетата на грчката делегација, поради доцнење при слетување на авионот беа изоставени сите, потенцирам – сите свечени активности при дочекот, кои вклучуваат гарда, поставување цвеќиња и интонирање на химната, меѓу другото. Овие активности беа изоставени со цел да се добие на време, бидејќи посетата беше работна и во текот на еден ден имаше навистина премногу активности.
Уште еднаш, химната во ниту еден момент не била спорна. Преспанскиот договор, потенцирам, на ниту еден начин не рефлектира врз националната химна.
Како за потврда, во периодот по Преспанскиот договор, односно по потпишувањето на истиот, во повеќе различни прилики националната химна беше интонирана пред официјални грчки претставници:
Таков беше примерот при кревање на знамето на НАТО пред зградата на Владата.
Истото се случи пред неколку дена и на националниот ден на Република Грција; на прием организиран од грчката амбасада се интонираше нашата химна.
На спортски натпревари, на квалификациите во Грција за Европско ракометно првенство, нашата сениорска репрезентација играше во Република Грција, а притоа се интонираше нашата национална химна.
Ова се примери кои укажуваат дека химната ниту била спорна, ниту некогаш ќе биде спорна“, увери Бошњаковски.