„Им дадовме можност на многу луѓе кои не сакаат Балканот да оди по патот на Европската унија и НАТО, да се вметнат меѓу нас“, истакна со жалење бугарскиот премиер Бојко Борисов на средбата во Софија, каде го пречека специјалниот претставник на Владата на РСМ – Владо Бучковски.
Посочувајќи му на Бучковски за „говорот на омраза“ кон Бугарија во земјава, Борисов порача дека не е добро за добрососедските односи „кога имаш изборна тема да имаш и надворешен противник“:
„Не велам непријател, но ‘лошите Бугари’, ‘фашисти’, втори, трети, четврти… Такво било времето. Колку повеќе се враќаме назад да се потсетиме на такви нешта… Ние сигурно не сме многу среќни што тогаш така се случило. Јас дојдов во Скопје да ја изразам својата почит кон тие македонски Евреи кои не сме можеле да ги спасиме тогаш. Но над 50.000 бугарски Евреи сме ги спасиле, народот ги спасил… И тоа во Израел и во целиот свет исклучително многу се цени. Да, жалиме што не сме можеле тогаш, времињата биле такви. Ако сме можеле, сигурен сум дека ќе сме го направеле“, рече Борисов. „Но, тоа не ме спречи да дојдам во Скопје и истите тие нешта да ги кажам и таму пред вас“, додаде тој.
„Го цениме тоа, премиере“, му врати Бучковски, додавајќи дека македонската страна ги цени и сите заложби и постигнувања на Борисов во однос на НАТО и ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.
Интересно, пак, е што денеска, независно од изјавата на Борисов (пар часови пред завршувањето на средбата со Бучковски), Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија излегоа со свој официјален став по повод континуираните обиди за наметнување на само една „историска вистина“ од страна на Бугарија, во кој побараа нашиот источен сосед да се соочи со мрачниот дел од своето минато, да прифати одговорност и да се извини за улогата на тогашното Царство Бугарија во холокаустот на Евреите во Македонија и околните окупирани територии.