Борел: Русија изведе уште еден кукавички напад врз Украина

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска оцени дека Русија ноќеска извела „уште еден кукавички напад“.

„Во текот на ноќта, Русија изврши еден од најголемите напади од почетокот на нејзината инвазија врз Украина, против градови и населението. Тоа беше уште едно кукавичко и неселективно гаѓање училишта, метро станици и болници, што резултираше со смрт на најмалку 16 лица како и одреден број повредени. Европската унија цврсто стои зад Украина, колку што ќе биде потребно“, изјави Борел на платформата Х.

Хуманитарната координаторка на ОН за Украина, Дениз Браун, издаде соопштение во кое најостро го осуди раноутринскиот „подмолен бран руски напади врз населени области во Украина“, што зад себе оставија разурнувања, смрт и човечко страдање, пишува Гардиан.

Браун кажа дека во нападите се оштетени домови, училишта, болници, трговски центар, метро станица и енергетска инфраструктура, а убиени и ранети цивили има во „речиси секој регион на земјата“.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

„Во моментов, семејствата и спасувачките служби се обидуваат да ги извлечат луѓето од урнатините. За Украинците, ова е уште еден неприфатлив пример за ужасната реалност со која се соочуваат, и која ја направи 2023 година на големо страдање“, додаде таа.

Во денешните масовни руски ракетни напади врз неколку области на Украина, според главниот обвинител на Украина, загинале најмалку 16 лица, а 97 се ранети.

Во коментар на социјалните мрежи, генералниот обвинител Андриј Костин кажа дека „Русија продолжува да напаѓа цивили“, додавајќи дека е меѓу 97-те повредени има и две деца.

- Реклама -