На Јутјуб профил насловен „слушне вистина“, утрово се појави нова снимка со исечоци од разговори што ги водел лидерот на СДСМ и експремиер – Зоран Заев.
Во разговорот, една од темите е Законот за јавно обвинителство, односно фактот што истиот предвидува „материјалите да важат до 30 јули 2017-та, финито, готово“, како што вели Заев, кој притоа истакнува дека „тоа и за ДУИ е важно и тоа е дел од решенијата кои ги нудиме“:
„Со самиот закон се затвора, сѐ што е после 30-ти, остануваат живи само 18-те предмети“, вели (барем според објавувачот) Заев.
Понатаму во разговорот Заев вели:
„Наближува гласањето у парламентот, јас ѝ викам, значи тоа го кажувам. Дојде Оливер, Радмила корегираа, другите – абе чоек што праиме, се знае што се прави позадински. На пример, што правам јас, ако правиш за сите правиш. Генерално сум поставил став, против притворите сум, јавно кажувам со сѐ. Викам ОК, треба ли тоа у парламентот или не треба, ако сакате да се откажува у парламентот. Викаат не, не, важно е тоа у Парламентот. Па извинете врзани ми се пратениците, погодил човекот, тоа е, сум го кажувал тоа е“.
Потоа Заев зборува за комбинации „правени со Катица, Оливер, Радмила и сите што се чинители“:
„Втора работа, објаснувајќи на сите дека треба да се случат сите овие работи, значи комбинациите кои што се правени тогаш со Катица, со Оливер, со Радмила, со сите што се чинители тука, они знаат дека се обидуваме да дојдеме до бројки, до сѐ… Филмовите се правени комплетно дека луѓето не треба да одат во притвори, имат си дела, нека си одговараат… итн и готово. И кога слушнаа за Врховен суд, знаеја, не се паднати од Марс…“
Понатаму во снимката Заев набројува случаи на СЈО кои „паѓаат“, меѓу кои и за пописот против Али Ахмети, како и за критиките од граѓанскиот сектор. На крајот зборува за (веројатно) Катица Јанева и дека „таа знаела што мора да се случи“.
Опозициските портали потсетуваат и на снимка која беше објавена на почетокот на годинава, а во која Заев спомнува дека се договорил со тогашниот претседател на Врховниот суд – Јово Вангеловски.