Она што состојбата во болниците во изминатиот период го сугерираше – дека вкупниот број на пациенти во болниците за првпат од почетокот на пандемијата ќе ја надмине границата од 500, денеска и се случи. Според податоците на Министерството за здравство, утрово во болниците имало вкупно 538 хоспитализирани лица позитивни или сомнителни на Ковид-19. За споредба, во понеделникот за првпат од почетокот на пандемијата имавме рекордни 487 пациенти во болниците, а вчера нивниот број изнесуваше 481.
Во последните 24 часа, на Инфективната клиника во Скопје примени се 20 пациенти, а вкупно хоспитализирани се 115. На кислородна поддршка се 90 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 7 деца и 5 мајки позитивни на ковид-19, 3 деца и 3 мајки суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има 7 приеми, а вкупно хоспитализирани се 47 пациенти. На респиратор се 4 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 43, а во болницата во Штип се 53 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци се хоспитализирани 262, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Како што веќе неколкупати потсетивме, министерот за здравство Венко Филипче исполнетоста на болниците и особено на резервните капацитети ја посочи како главниот параметар кој се следи во моментов и пресуден фактор за тоа дали Комисијата за заразни болести ќе побара најстрога рестрикција – рестрикција на движењето, односно полициски час.