Болките на перфекционизмот

o-PERFECTIONIST-facebook_Fotor[1]

Тешко е човек да се ослободи од канџите на перфекционизмот во денешниот модерен свет, кој го велича совршеното родителство, совршените врски и совршената убавина. Не е изненадување што некои студии откриваат поврзаност помеѓу некои типови перфекционизам и „брн-аут“ синдромот (синдром на стручно исцрпување, „согорување“).

Сепак, малку е веројатно дека стремежот кон совршенство, кој е поврзан со поставување на повисоки лични цели и стандарди, е тој што ќе ве доведе до точката на согорување. Поверојатно е тоа дека ќе се случи како резултат на стравувањата поврзани со перфекционизмот, отколку со самиот стремеж кон совршенство. Перфекционистот премногу стравува да не направи грешка, се плаши да добие лоша оценка или остра негативна реакција за неговото несовршенство, пишува Forbes.

Овој тип на однесување ја исцрпува психичката и физичката енергија и може да премине во воркохолизам. Перфекционистите исто така имаат тенденција да размислуваат на многу бескомпромисен начин, а овој тип на размислување (и силните емоции кои произлегуваат од него) ја зголемува стресната реакција на организмот. Евентуално, перфекционизмот може негативно да влијае на работата, на љубовните врски и домот, а и на одморот (перфекционистичките склоности често ја попречуваат способноста за релаксација и забава).

За да се разбере како перфекционизмот ја попречува работата, важно е да се разберат неговите карактеристики и особини.

Страв од неуспех. Никој не сака да потфрли, но пефекционистите го издигаат стравот од неуспех до ново ниво. Наместо да открие какви лекции можат да се извлечат од неуспехот, перфекционистот гледа на неуспехот како израз на неговите или нејзините (не)способности. За да се избори со овој страв, перфекционистот компензира со неколкукратно прочитување на нештата што треба да се прочитаат, со постојано размислување околу листи и организацијата, и константно преиспитување на одлуката што треба да биде донесена.

Размислување од типот „сé или ништо“. Ова е честа стапица при размислувањето и се должи на склоноста да се гледа ситуацијата или од црна или од бела преспектива; секогаш едното е погрешно, а другото е попогрешно. На пример, перфекционистот на диета може да изеде една бисквита и да помисли дека диетата му е засекогаш осудена на пропаст.

Одбранбена позиција. Перфекционистите често влегуваат во остра дефанзива кога се критикувани, бидејќи критиката се заканува да ги открие нивните слабости, на ист начин како и неуспехот. Исто така, ја прифаќаат критиката како израз на тоа колку вредат или како огледало на нивната способност.

Барање на вина, кај себе и кај другите. Перфекционистите често бараат недостатоци, како кај себе – така и кај другите. Имаат склоност да се прекумерно критични кон секој погрешен исказ, напис или недостаток, а поправањето на другите, кога ќе направат грешка, го сметаат за витално важно.

Недостаток на флексибилност – престроги стандарди. Едно е да си поставувате високи стандарди и да сакате да учите од своите грешки, од една, и да ви недостасува флексибилност, од друга страна. Нефлексибилното размислување често вклучува зборови како „мора“ и „треба“.

Прекумерна потреба од контрола. Перфекционистите често се обидуваат да го контролираат однесувањето или мислењето на луѓето во нивниот живот, а тоа го прават како механизам со кој мислат дека ќе ги спречат да си допуштат грешки или да се соочат со нешто лошо.

Недоверба во способноста на другите. „Ако треба нешто да направиш, направи го сам“ им е омилена изрека. Многу перфекционисти се придржуваат до ова правило, често како резултат на тоа што за нив е многу тешко да делегираат одговорности. Дури и кога ќе се „дрзнат“ на такво нешто, пак не пропуштаат да учествуваат во микро-менаџирањето.

- Реклама -