Богомилство – првата Ренесанса (прв дел)

foca-bosna-intro1Многумина од вас го гледале „Кодот на Да Винчи“, ја читале книгата на Ден Браун, прочитале некоја друга книга или гледале документарна емисија за катарите, темпларите, трубадурите и другите предвесници на европската Ренесанса. Но, колкумина од вас знаат дека идејата за хуманизам и културна преродба се родила токму тука, во Македонија?


stec2Многумина од вас го гледале „Кодот на Да Винчи“, ја читале книгата на Ден Браун, прочитале некоја друга книга или гледале документарна емисија за катарите, темпларите, трубадурите и другите предвесници на европската Ренесанса. Но, колкумина од вас знаат дека идејата за хуманизам и културна преродба се родила токму тука, во Македонија?

Кон крајот на деветиот век, 600 години пред Да Винчи да ја наслика својата „Тајна вечера“, на ридестиот Балкан се појавува Богомилството, духовно и социјално движење на кое по своето влијание и значење во модерната европска историја му нема рамно. Многу од придобивките на слободните демократски и секуларни општества, кои денес ги сметаме за неприкосновени права и привилегии на секој човек, се резултат на повеќевековната борба што ја започнале токму богомилите.

Историјата на богомилите би можела да се раскажува на долго и на широко, но неколку значајни податоци би ви биле доволни да создадете претстава за што станува збор.

Богомилството се појавило во Македонија, на рабовите на тогашна Византија, во време на политички и религиозни превирања. На овие подрачја често се менувале државни и религиозни власти, па затоа тие претставувале идеална почва за раѓање и развивање на независни, слободоумни идеи. Од тука, со текот на годините, богомилството се раширило низ целиот Балкан (во средновековна Босна тоа било и државна религија), а оттаму во Северна Италија и во Јужна Франција.

Богомилите се познати во историјата под многу имиња. Во Србија се нарекувани бабуни, во Босна патарени, а во Северна Италија и во Јужна Франција – албигојци и катари. Доказ за тоа дека сите овие се само различни имиња на богомилството, претставува фактот дека на големиот „еретички“ собор во Сан Феликс де Караман претседавал драговитскиот богомил Никита и дека, според известувањата на Бонакурс од Милано, еретичките заедници на Запад биле организирани по углед на драговитската. Драговитија се нарекувала територијата околу и западно од Солун, што значи територијата на Јужна Македонија, која била населена од Драговитите, средновековно македонско племе. Драговитите, заедно со другите македонски племиња (Сагудати, Ринхини, Смолјани, Струмјани, Брсјаци, Велегизити, Војнити и др.), потпаѓаат под бугарска власт дури кога на чело на бугарското царство застанува Симеон (893-927). Се дотогаш, тие живееле во племенски сојуз со децентрализирано демократско општествено уредување. По нивното освојување, Симеон почнува да ги уништува родовско-племенските форми, а со тоа и демократскиот начин на живот. Бидејќи сето тоа се случувало непосредно пред и за време на појавата на богомилското движење, сосема е логично, богомилското социјално учење за еднаквоста на сите индивидуи да се набљудува, во извесна мера, како реакција на Симеоновите обиди за централизација и хиерархизација на општеството.

Влијанието на богомилското движење може да се забележи во македонската архитектура, литература и уметност. Примери има многу, а за илустрација може да ни послужи мијачката традиција. Според етнолошките истражувања, Мијаците се доселиле во реканскиот крај помеѓу 9 и 12 век, од областа околу Солун и се смета дека се дел од поголемата племенска групација на Драговитите. Бидејќи не се мешале со луѓе надвор од своето племе, како и заради непристапноста на краиштата во кои се населиле, традиционалната култура кај нив се одржала во чиста форма се до почетокот на 20 век. Тие го задржале родовско–племенското уредување; одлуките ги донесувал племенскиот совет, а последниот познат собир на племенските старешини бил одржан во 19 век.

Најголема потврда за длабоката врска помеѓу нив и драговитските богомили е традиционалното мијачко почитување на богомилските симболи и нивното сочувување, особено во нивната архитектура и уметност.

Мијачките градители го употребувале бигорот како градежен материјал, иако го немало во тој крај во големи количини, па тие го носеле со коњи од Кичевско и Охридско. Фактот што бигорот е порозен и не обезбедува долготрајност, за разлика од различните видови на седиментни карпи и гранити, кои ги има во изобилство во реканскиот крај, покажува дека тој е користен заради симболиката, а не од други причини. Инаку, како религиозна параферналија богомилите на себе носеле само бигорен камен што ја симболизирал чистината на срцето.

Секоја мијачка куќа имала параклис. Параклис е мала просторија која служи за лична молитва, без никакви знаци и обележја. Богомилите биле иконокласти, што значи дка не прифаќале никакви визуелни претстави на божественото.

Племенското знаме на мијаците е полумесечината со ѕвезда, уште еден богомилски симбол што недвосмислено ја потврдува моќта на традиционалната богомилска духовна култура, која останала недопрена од туѓи влијанија во овие тешко пристапни краишта. (Втор дел)

- Реклама -