Продолжуваат реакциите по објавената снимка во која лидерот на СДСМ Зоран Заев, како што самиот рече, во 2016-та „лошо се изразил“ за идните коалициони партнери. Покрај Љубе Бошкоски, свој став изнесе и екс-пратеникот во владата на СДСМ – Павле Богоевски. Како што вели, секогаш избегнувал да зборува на тема Зоран Заев, но овојпат се чувствува повикан.
„Не се чуствувам из*бан, друштво“, напиша Богоевски на Фејсбук, посочувајќи дека поради довербата во Заев лично решил борбата да ја води институционално и дека Заев секогаш кога можел бил на негова страна:
„Последните четири години секогаш кога можев гледав да избегнам јавно да зборувам на тема Зоран Заев – бидејќи мислев дека тоа би било нецелеисходно и дека тоа не било моја работа. Но, денес се чуствувам повикан да одговорам и со сигурност можам да кажам неколку работи:
1. Причината зошто бев политички активен преку активизмот беше вредносна. Причината зошто одлучив битката да ја продолжам институционално беше лична – беше довербата која ја створив во тој човек. Не во партијата, не во коалицијата – во него. Доверба без која никогаш немаше да се нафатам за тоа лудило кое следеше и доверба која се’ уште ја имам.
2. Во овие четири години, во повеќе наврати сум имал судири со партијата. Секогаш кога имало и НАЈМАЛ простор за тоа, Заев бил на мојата страна.
3. Причината за објавувањето на оваа снимка е валкана, ниска и повеќе од очигледна.
4. Кога најголемиот дел од државава бараше моја оставка, истото го бараа и најголемиот дел високи функционери од СДСМ. Заев ги пресече во корен и ми остави простор сам да донесам одлука, постојано велејќи дека ќе ме поддржи, што и да одлучам. Ниту тогаш, ниту сега немам никаква причина да се сомневам во искреноста на таа поддршка.
Фактот што во тие моменти имав сила да поднесам одговорност е нешто што денес прави да се чуствувам многу гордо и нема да дозволам никој да ми го одземе или извалка тоа.
Повторувам – не се чуствувам из*бано, ниту излажано. Повторно би го направил истото, без разлика колку моето собраниско искуство ме чинеше лично – бидејќи со секој атом од телово верувам дека нашата држава и општество денес се неспоредливи со тие пред Шарената револуција и пред коалицирањето со СДСМ и другите партии.
Иако не сум на листа, на 15ти повторно ќе гласам. Бидејќи верувам денес, како и пред четири години дека оваа опција е единствената која може да ја однесе Северна Македонија во иднината која ја заслужуваме.
п.с. Политиката е одвратно валкана работа, а политиката во нашава држава е една од највалканите во светот. Срам ми е да кажам какви се’ работи не сум морал да изговорам, премолчам или толерирам при работењето кон тоа што сум верувал и се’ уште верувам дека било во најдобар интерес на граѓаните. Политичар кој ве убедува во спротивното или ве лаже, или не ја разбира својата работа“, завршува Богоевски.