Фотките на социјалните мрежи од винтиџ Veuve Cliquot (шампањ), приватни џетови и чичка нови Bugatti-ја, неретко се резултат на криминалите на убер-богатите. Доказите земени од овие постови на друштвените профили сега се користат во 75% од судските парници, велат водечките компании за сајбер-безбедност. Многу од тие слики се земени од Инстаграм и Твитер профилите токму на синовите и ќерките на мултимилионерите кои извршиле разни (финансиски) криминали.
Ојсин Фуере, менаџмент директор на K2 Intelligence, ги опишува друштвените мрежи како „првиот извор на помош“ во сé поголемиот број на имотни спорови поврзани со милионерите и милијардерите.
Ендрју Бекет, менаџмент директор за сајбер-безбедност и истраги во Kroll, на пример, изнесува детали за истрагата околу случај на развод, во кој милионерот тврдел дека ги нема 30-те милиони долари кои му било наредено да ги плати.
„Ги следевме социјалните мрежи, особено профилите на неговите деца, кои беа на возраст од 20-тина години, и најдовме многу постови од истите гео-локации“, вели Бекет. „Вкрстувајќи го тоа со катастрите и другите официјални тела во странство, најдовме дека лицето е сопственик на десетина имоти таму. Отидовме пред суд со листа од имоти регистрирани на име на обвинетиот, кои ние ги проценивме на 60 милиони долари. Судот ги замрзна имотите, сé до моментот додека тој не ја плати сумата што му беше наредено да ја плати“.
А не се само децата на богатите. Наводно банкротираниот рапер 50 Cent мораше да се објаснува на суд откако на Инстаграм објави фотографија со куп банкноти од 100 долари, со кои беше испишан зборот „шворц“.