Владата се справува со последиците од неразумното и неодговорното работење на некого. Оштетата што треба државата да ја плати за случајот „Окта“ не е конечна, има процес во којшто двете страни можат да влезат во преговори, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во врска со пресудата на Арбитражниот суд во Париз.
„За жал, оваа Влада, како и претходните влади водени од СДСМ последните пет години, мораше да се справи со последиците на неразумното и неодговорно работење на некого. Мислам дека изјавата дадена од експремиерот Љупчо Георгиевски наведува токму на тоа дека заради одлука на Уставниот суд, Владата тогаш раскинала договор иако можела да почека една година да истече договорот. Ова е последица на таквото однесување. Мислам дека адресата за прашањето треба да биде на тие што го раскинале договорот и не довеле во ситуација да се браниме и да гледаме секој денар на нашите граѓани да го заштедиме поради неразумното делување на некого пред 10-тина години“, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања.
За Владата е успех што сумата што ја барала грчката компанија е преполовена.
„Ние успеавме да докажеме дека компанијата не била во можност да ја произведе количината на мазут којашто тие тврделе дека можат. Со тоа, сме ја намалила одредената количина на средства кои што тие ја побарале. Основните средства што ги бараа како отштета биле 31 милион, а Судот им пресуди 21 милион. Тие барале затезни камати во износ од пет отсто во временски период од скоро осум години. Адвокатскиот тим успеа да докаже дека тоа е барање кое што не е доволно аргументирано и Арбитражниот суд досудува дека тоа може да се пресмета со еуролибор во тој временски период, а знаеме дека во тој временски период кога се бара затезната камата во суштина биле негативни каматните стапки што значи уште еден дополнителен успех. Предвидувањата беа дека државата треба да плати скоро над 43 милиони евра, а вкупниот износ кој е досуден на „Хеленик петролеум“ е приближно 25 милиони, затоа што сè уште се прават конечните калкулации. Но, ова не е финална одлука. Има процес во којшто можат двете страни да влезат во преговори за да стане финална и има три месеци период во којшто ќе треба соодветно да се знае колку е конечниот износ“, појасни вицепремиерот Битиќи.
Арбитражниот суд во Париз во врска со спорот за договорот за „Окта“ пресуди во корист на грчката компанија со што Северна Македонија ќе треба да плати оштета од околу 25,5 милиони евра.
МИА