Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е уверен дека до крајот на годинава, но и во текот на целата грејна сезона, не би требало да има рестрикции на електричната енергија, освен ако, како што вели, не се случи некоја непредвидена хаварија. Најавените мерки за штедење на струјата, нагласува, се за намалување на притисокот врз енергетскиот систем, но и за трошење на помалку средства за овој енергенс.
„Ние имаме калкулации, го знаеме енергетскиот биланс, колку е потребно да се произведе електрична енергија за да се користи за регулираниот пазар, независно од нерегулираниот слобеден пазар. На регулираниот се домаќинствата и малите потрошувачи. Со самото зголемување на производството споредено со претходната година ние сме уверени дека до крај на годинава, ако нема некоја не знам каква хаварија, нема да има рестрикции. Ќе има доволно електрична еанергија за годинава, но, јас најавувам дека тоа ќе биде за целата грејна сезона вклучувајќи ги и првите месеци за следната година до пролет“, изјави Битиќи во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Според него, штедењето треба да помогне да не се случи заради нештедење и несовесно однесување на сите, вклучитено и на јавните институции, да настане некој проблем.
„Ние мора да покажеме дека знеме одговорно да се однесуваме со јавните ресурси затоа што на крај на денот трошењето на помалку електрична енергија не само што ќе има влијание на намалување на притисокот во енергетскиот систем, туку тоа ќе значи и помалку средства да се дадат за тој ресурс“, истакна вицепремиерот.
Тој е уверен дека проблем нема да има ниту во испораката на топлинска енергија во Градот Скопје.
„Според законот, операторот БЕГ е должен до избор на нов оператор да ги испорачува услугите кон граѓаните, независно што лиценцата им е одземена. Процедурата за избор на нов оператор е во тек и најверојатно многу брзо ќе биде објавен огласот и ќе се пријават сите заинтересирани дали Градски енергетски ресурси на Градот Скопје или некоја друга приватна или државна компанија. Грејната сезона ќе биде озбезбедена за нашите граѓани во Скопје“, уверува Битиќи.
Извор: МИА