Биљали: За дипломатите, ДУИ е секта и канцер на државата и Албанците, најдобро за сите е да оди во опозиција

„Во доверба, странците лесно и целосно ќе ви аргументираат зошто е најдобро за доброто на сите ДУИ да оди во опозиција“, вели Мерсел Биљали – универзитетски професор и советник на премиерот Зоран Заев, во коментарот за „Журнал“ по повод неуспешното одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски.

„ДУИ не знае што се внатрешни реформи, не знае што е елементарна одговорност и не знае, ниту пак ја интересира, дека таму е за да ја развива земјата и да го подобри целокупниот живот. Зборовите економија и развој за нив се непознати“, вели Биљали за весникот.

Според него, голем дел од паметните млади кадри во ДУИ се оставени на маргините и имаат чувство дека цел живот ќе треба да им служат на партиските патрони. Дури и самите тие се уверени, вели професорот, дека единствено Бог може да ги смени луѓето кои со години ѝ прават голема штета на државата.

„Еден дипломат ми ги опиша ДУИ како сатанистичка секта која постои само за себе, која крајно го осиромашува својот народ, кој пак веќе е принуден да го одалечи и најболниот дел од семејството, своите деца. Дипломатите сега лесно ќе ви кажат дека ДУИ е рак на државата и самите Албанци. Во вакви околности, инфекцијата почнува да се шири и кај делот од коалициониот партнер кој започна со некакви идеали, дури и направи големи работи, иако и во тој субјект има полно такви кои немаат ништо заедничко со вистинските идеали“, оценува Биљали.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Таквата состојба не може да продолжи уште долго, смета советникот на премиерот, бидејќи тоа директно води кон „враќање на Груевизмот“. Според него, има три можни насоки во кои ситуацијата може да продолжи да се одвива. Првата е промена во работењето на ДУИ – опција која Биљали ја смета за малку можна, со оглед дека ДУИ е и беше долгорочен партнер на Груевски и неговото опкружување. Втората е распукување на самата партија, која според него одамна ја има достигнато критичната точка и само се чека моментот. Третата, оценува тој, е раскинување на коалицијата со ДУИ и испраќање на партијата во опозиција. По таквиот исход лесно би дошло до нејзино уништување, вели професорот.

Тој не ја исклучува можноста претседателските избори на кратко да го одложат епилогот, но смета дека расплетот е неизбежен. Во спротивно, со ваков ментален код, невозможно е да започнат преговорите со ЕУ, смета тој. Ова што сега се случува со имунитетот, според него, е само температурата која произлегува од сериозната болест (на ДУИ).

 

- Реклама -