Поп-суперѕвездата Бијонсе и нејзиниот сопруг Џеј-Зи, се обидуваат да ги „подмачкаат’ своите фанови со прилика да освојат доживотни гратиси за сите нивни концерти во иднина. Сè што треба фановите да направат за возврат е да преминат на повеќе веганска исхрана.
Се работи за проектот „The Greenprint“ на личниот тренер на Бијонсе, во кој тој објаснува за својата растителна исхрана и план на вежбање. Џеј-Зи и Бијонсе се автори на предговорот на книгата.
Предизвикот во знак на поддршка за проектот пејачката го објави на својот Инстаграм профил, каде ја следат 123 милиони фанови. Крајната цел е да се намали штетното влијание врз животната средина, а според една ланска студија објавена во магазинот Science, еден од начините тоа да се постигне е избегнувањето на месо и млечни производи.
Согласно тоа, пејачката се зарече дека цел месец ќе јаде доручек на растителна основа, а во понеделник нема да јаде месо. Нејзиниот сопруг, пак, ќе јаде два оброка дневно базирани на растителна исхрана.
Според правилата на предизвикот, фановите што ќе прејдат на веганска исхрана ќе добијат гратис карта со која имаат право да присуствуваат на по еден концерт при секоја идна турнеја на Бијонсе или Џеј-Зи, доживотно.
Фановите што сметаат дека концертите на Бијонсе вредат повеќе од месо, можат да се пријават на следниот ЛИНК. Имајте предвид дека важи само за жители на САД, на возраст од 18-30 години. На линкот исто така ќе најдете и повеќе податоци за тоа колку и како откажувањето од месо влијае на животната средина и планетата.