Со положување на свежо цвеќе на споменикот на ридот Матиќ, кај Ротимља во близина на Мостар, вчера (26 февруари) беше одбележана 14-годишнината од смртта на македонскиот претседател Борис Трајковски, кој заедно со неговите соработници и членови на екипажот загинаа во авионска несреќа при пристигнување во Мостар на Меѓународната конференција за инвестиции.
„Претставници на македонските власти, претставници на градот Мостар и претставници од другите нивоа на власта во БиХ, му оддадоа почит на државникот чии пораки сé уште живеат и денес“, пишува босански „Дневни Лист“.
Благородниот лидер
„Денес е прилика да се потсетиме на ликот и делата на Борис Трајковски, кој силно се залагаше за евроатланска интеграција на Република Македонија, како и целиот регион. Тој поддржуваше интензивна регионална соработка и добрососедски односи“ – рече Зоран Шапуриќ, македонскиот министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима, меѓу другото.
Радмила Комадина, главен советник на градоначалникот на Мостар, истакна дека работата и политиката што ја водеше Трајковски не треба да се заборави.
„На овој начин, секоја година градот Мостар, заедно со останатите претставници на власта, се сеќава на овој трагичен настан и му оддава почит на човекот кој беше човек од народот, кој промовираше пријателство, регионална соработка и евро-атлантска интеграција, и кој веруваше во подобро утре“, додаде Комадина. На одбележувањето е речено и дека на благородноста и добрината на покојниот македонски претседател и денес сите се сеќаваат, и дека тој секогаш ќе биде пријател на Босна и Херцеговина.
Две истраги
Во несреќата која се случи на 26 февруари 2004 година загинаа, освен Трајковски, и неговите советници Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
За несреќата во која загина македонскиот претседател досега се спроведени две истраги, и објавени два извештаи од две комисии. Во двата извештаи како причина за падот на авионот се наведува пилотска грешка и други индиректни системски пропусти. И покрај таквите резултати, семејствата на пилотите, како и голем дел од јавноста во Македонија и БиХ, сметаат дека над Борис Трајковски е извршен атентат, пишува босански „Дневни Лист“.