Стандардниот голман Столе Димитриевски поради повреда нема да биде во составот на македонската фудбалска репрезентација на утрешниот натпревар на гостински терен против Малта во рамки на групата Ц од квалификациите за ЕУРО2024.
Димитриевски се повреди во финишот на првото полувреме на дуелот против Италија во саботата во Скопје, но остана на голот до крајот на натпреварот кој заврши нерешено 1-1.
Како што соопшти денеска ФФМ, Димитриевски поради болки во грбот нема да биде во составот против Малта, а на негово место дополнително е повикан Давор Талески.
Голманот на тетовска Шкендија веќе им се приклучи на репрезентативните колеги во Малта и ќе биде на официјалниот тренинг вечерва од 19 часот на Националниот стадион „Та Кали“.
МИА