Илјадници туристи наскоро би можеле да бидат принудени да резервираат и да платат за возењето низ светски познатата улица Ломбард во Сан Франциско.
Пратениците во Калифорнија го одобрија предлог-законот со кој се овластува Сан Франциско да воведе систем на наплата и резервации за да може да се помине по улицата Ломбард. Предлог-законот допрва треба да биде потпишан од гувернерот Гевин Њусон.
Одделот за транспорт во округот Сан Франциско препорача цените за време на викендите и празниците за поминување низ „ улицата со најмногу кривини во светот“ да биде 10 долари (девет евра), а во обични работни денови 5 долари (4,5 евра).
Богатите жители на тој рид, каде домовите се едни од најскапите во Сан Франциско, велат дека нивната живописна улица Ломбард, е богато украсена со цвеќиња што редовно ги негуваат, а сега таа се претворила во „неподносливо преполн забавен парк“.
Тие со години наназад бараат од властите да го решат деноноќниот проблем со сообраќајната гужва која што настанува од љубопитните туристи, кои што зад себе оставаат отпадоци кои што ги фрлаат од своите автомобили и влегување на туристи во нивните дворишта.
Градските власти задолжени за туризам проценуваат дека најмалку 6.000 луѓе дневно минуваат низ оваа тесна, стрмна, и со многу кривини, еднонасочна улица, која што едвај е долга 180 метри, а редот на автомобили што чекаат да го поминат низ неа се протега во недоглед.