Над 560 милиони евра се обезбедени за реализација на значајни крупни инфраструктурни проекти во железничката инфраструктура. Петстотини милиони евра обезбедени за реализација на третата фаза од железничката пруга на Коридорот 8 кон Република Бугарија и 7,5 милиони евра за изградба на заеднички железнички премин на Табановце. Средствата за реализација на овие проекти се обезбедени преку Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ и од ИПА програма.
Законските решенија за реализација на овие финансиски средства вчера беа усвоени во Собранието, а денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со претставниците на овие две финансиски институции во земјава Фатих Туркменоглу на ЕБОР и Габриел Бјорн на ЕИБ.
Бесими, како што соопшти Министерството за финансии, истакна дека Владата и ресорното министерство се посветени на реализација на крупни инфраструктурни за развој на државата.
– Владата и Министерството за финансии силно се посветени на реализација на крупни инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат развој на државата. Во таа насока посветено се работи на обезбедување финансиски средства за реализација на вакви крупни инфраструктурни проекти кои ќе имаат придонес во економскиот раст не само додека се одвива нивната реализација, туку и долгорочно преку нивното значење во поврзувањето и олеснувањето на транспортот. Затоа во последните неколку години во буџетите се проектираат високи износи на капитални инвестиции, кои годинава и следната се два пати повисоки во однос на 2020 година, рече министерот Бесими.
Тој се заблагодари на ЕИБ и ЕБОР за обезбедените финансиски средства за реализација на овие големи капитални проекти за нашата земја и воедно за севкупната поддршка што ја обезбедуваат овие две меѓународни финансиски институции за земјава која заедно достигнува скоро 4 милијарди евра.
За реализација на Проектот за Железничкиот Коридор 8 – Фаза 3, делница од Крива Паланка до граница со Република Бугарија се обезбедени финансиски средства во износ од 175 милиони евра од ЕБОР и 175 милиони евра од ЕИБ. За реализација на овој проект се обезбедени и 149,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ, како и грант од ИПА 2 во износ од 60,77 милиони евра. Со овој проект целосно ќе заврши изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 до границата со Република Бугарија.
Во однос на проектот за изградба на заеднички железнички премин на Табановце, со Република Србија, обезбедени се средства во износ од 5 милиони од ЕБОР и 2,5 милиони евра грант од ВБИФ.
Во наредниот период, како што се наведува, се очекува да се потпишат финансиските договори со ЕИБ и ЕБОР и ЕК за реализација на овие средства.