Бесими: Минималната плата е предвидена и во администрацијата, растот на другите плати и пензиите ќе се бара преку дијалог

Финансиите се стабилни и во наредниот период се земаат предвид сите ризици за тие да останат на стабилно ниво. Во Буџетот има доволна ликвидност и реализацијата на буџетските приходи, иако сме на почеток на годината, се согласно проекциите.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Топ тема на ТВ Телма, осврнувајќи се и на новите инструменти кои ќе бидат понудени за да се финансираат предвидените проекти преку развојни, проектни и зелени обврзници, како и обврзница индексирана со инфлација која е наменета пред сѐ за граѓаните за да се мотивираат да инвестираат, а и да се намали сивата економија преку повелкување кеш или заштеда, а сето тоа во рамки на законските решенија. Тоа е предвидено во рамки на домашното задолжување, додека за задолжување во странство, како што посочи, во Буџетот е предвидено издавање еврообврзница од 250 милиони евра, за која се следат состојбите и ќе биде издадена, како и во претходната година, кога на пазарот ќе има најповолни услови.

„Средствата од задолжувањата ќе одат за капитални проекти, така што и овие обврзници се наменети конкретно проектните се за одредени проекти, развојните за капитални проекти и зелената е за проекти за зелен развој“, соопшти Министерството за финансии.

Во однос на барањата на синдикатите за зголемување на платите на администрацијата преку усогласување со минималната плата, како и за барањето за зголемување на пензиите, рече дека Владата има слух и оти преку дијалог со вклучените страни ќе се дојде до одржливо решение, како што тоа беше направено и со зголемувањето на минималната плата.

„Разговорите со синдикатите за ова прашање е тековен процес и постојано се разговара. Се разговараше за минималната плата и се дојде до решение кое ќе се применува како во приватниот, така и за вработените во јавниот сектор. Ќе седнеме во наредниот период и ќе ги видиме можностите, но на прашањето треба да гледаме реално и од аспект на продуктивноста. Во овој момент не може да кажам ниту дали ќе има зголемување, ниту дека ќе нема. Она што можам да кажам е она што е планирано, а тоа е проектиран дефицит од 4.3 проценти од БДП и ако не го оствариме проектираниот раст од 4.6 проценти, а го реализираме Буџетот целосно, тоа ќе значи дека ќе имаме поголем дефицит и дополнително зголемување на инфлацијата“, рече министерот, потенцирајќи дека не се сите механизми исцрпени и дека штрајкот е последно решение.

Според него, треба да се дојде до издржано решение, како во однос на прашањето за платите, така и за барањето за зголемување на пензиите.

Во однос на прашањето за пензиите посочи дека и тоа ќе се решава преку дијалог со претставници на пензионерите и оти и тука ќе се оди со одржливо решение преку промена на методологијата.

„Работиме на различни сценарија. Се прават анализи на промена на методологијата за да се најде системски одржливо решение, кое треба да се најде во подобрување на продуктивноста во економијата и со тоа и да има раст на пензиите“, рече министерот Бесими.

Посочи на мерките што ги презема Владата за справување со енергетската криза, нагласувајќи дека сите се насочени кон тоа да нема голем пораст на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, како и на основните прехранбени производи кои забележуваат раст под влијание на растот на цените на светските берзи.

Министерот укажа на очекувањата дека состојбата со растот на цените ќе се стабилизира во вториот квартал од годината, дека проекцијата на инфлацијата е 2.4 проценти во моментов, но оти зависно од тоа како ќе се движат цените, таа може да биде и повисока.

МИА

- Реклама -