Тирана, 18 декември 2021(МИА) – Поранешниот албански претседател, експремиер и историски лидер на опозициските демократи, Сали Бериша, пред да гласа на референдумот што тој го организира за разрешување на актуелниот лидер Љуљзим Баша, ги повика албанските граѓани в понеделник во 16 часот „да протестираат во одбрана на националните интереси“.
Бериша рече дека понеделничкиот протест го организира „во име на народот“. Додаде дека овој протест ќе биде против „Отворен Балкан“, опишувајќи го како „сојуз против виталните интереси на Албанците, како сојуз кој промовира дестабилизација, оспорувајќи го Берлискиот процес а со цел регионот да го стави под српска хегемонија“.
Во понеделник и вторник во Тирана ќе се одржи седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“, на кој е најавено присуство на македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ, кому Бериша, нарекувајќи го новиот Милошевиќ, му се закани да не доаѓа во Тирана, како и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.
Меѓу другото, на оваа средба, се очекува да биде потпишан Меморандум за работни визи меѓу трите земји.