Нема никакво значење кој е во право, а кој не, во спорот меѓу Бугарија и Македонија, вели во интервју за „Дојче веле“ белгискиот професор Рајмонд Детрез – историчар и основач на Центарот за југоисточно-европски студии на Универзитет во Гент, воедно и автор на повеќе книги и трудови посветени на Балканот, меѓу нив и неговото истражување на животот и делото на Григор Прличев (1830-1893).
„Важно е“, смета Детрез, „дека ниту ‘историската’, ниту која било друга ‘вистина’, не може да влијае на односите меѓу државите. Владите донесуваат политички одлуки и склучуваат меѓународни договори; историчарите и лингвистите имаат право да се расправаат. Историчарите не треба да им служат на политичарите, ниту пак политичарите треба да наметнуваат одредени научни сфаќања на општеството, или пак да им наметнуваат на други држави прифаќање на одредени научни ставови како услов за меѓународна соработка. И тоа најмалку треба да биде случај кога станува збор за таква каприциозна наука како што е историјата“.
Во однос на двете спротивставени позиции во двете држави, Детрез коментира:
„Не можам да се согласам со примордијалистичкиот пристап кон проблемите од обете страни: Бугарите веруваат дека Словените во Македонија, затоа што порано биле Бугари, не можат да бидат ништо друго освен Бугари ни сега. Македонците мислат дека бидејќи тие сега се Македонци, тие сигурно биле Македонци и во минатото. Македонците одат предалеку со нивните екстремни обиди да се разликуваат од Бугарите, додека Бугарите слепо го негираат македонскиот идентитет“.
За Детрез, исто така тешко прифатлива е и „целосната историзација“ на проблемите, односно барање на решенија за актуелните проблеми во далечното минато и дозволување историски настани од пред илјада години да го возбудуваат целото општество до тој степен.
„Македонските обиди да се докаже античкото потекло на современите Македонци се смешни и само дополнително ги оштетија односите со хиперсензитивниот кон ‘историските вистини’ сосед- Грција.
Не треба да се дозволува спор за Кирил и Методиј, двајца византијци од 9 век, да ја попречува соработката меѓу двете земји во 21 век. Или спор околу Самоил, владетел на едно – бугарско или македонско сеедно – лабаво и ефемерно кралство, во кое веројатно живееле повеќе Срби, Албанци, Грци и Власи отколку Бугари – а ако имало Македонци, тие биле занемарлив број. Која е заканата за Северна Македонија ако признаат дека Гоце Делчев има бугарско потекло, и што губи Бугарија ако прифати дека во Северна Македонија го нарекуваат Гоце Делчев македонски херој? Че Гевара е Аргентинец и Аргентинците со полно право можат да го сметаат за свој, но за Кубанците тој е кубански револуционер. Интересно е како Аргентина и Куба си го решиле тој проблем“, вели Детрез.
Во однос на бугарскиот и македонскиот национален идентитет, Детрез тврди дека ниту едниот, ниту другиот, немаат длабоки корени во минатото.
„Предците на современите Бугари и Македонци се сметаат првенствено за христијани, а нивниот идентитет не се разликувал значително од оној на православните Грци, Албанци и други – освен преку јазикот, и главно на народно, разговорно ниво, бидејќи кај нивните интелектуални елити преовладува комуникација на грчки јазик.
Современите балкански нации се појавија во 19 век не како резултат на некакво ‘созревање’ на едвај осознаената од нивна страна етничка заедница, туку како резултат на меѓународните политички, економски и културни случувања, надворешни интервенции, и сл.
Покрај тоа, овие едвај различни етнички групи буквално се ‘откриваат’ или ‘измислуваат’ (главно со помош на странски научници и агенти) и конструираат национални идентитети што мора да се разликуваат што е можно повеќе од оние на нивните соседи. Англискиот историчар Ентони Смит дури ги нарече овие нови национални идентитети на Балканот ‘непријатни амалгами’ составени од елементи на „заедничкиот фонд на митови, спомени, симболи и вредности’. Формирањето на бугарската нација, според ‘очевидци’ како Априлов, Раковски, Балабанов и други, започнало во 30-те години на 18 век и се совпаднало со реформите на османлиската држава познати како Танзимат. Петко Славејков нѐ информира за првите манифестации на нешто како македонската национална идеологија во напис во весникот Македонија од 1871 година. Кон крајот на 19 век има и други автори (најпознати се Ѓорѓија Пулевски и Крсте Мисирков) кои тврдат дека постои македонски народ и јазик“, посочува Детрез, додавајќи дека градењето на македонската нација завршува дури по Втората светска војна, но дека процесот во ништо не се разликувал од оној на другите нации, вклучително и бугарската.
Целото интервју (за Григор Прличев, за јазикот, за српското влијание, за антибугаризмот, за говорот на омраза од двете страни на границата, како и за изразот „фашистички окупатор“) прочитајте го ТУКА.