Кристина носи 15 сантиметри високи потпетици и темен кармин. На полицијата на македонската граница нејзиниот изглед не ѝ се допаднал, раскажува. Сакале да знаат што е таа – маж или жена?
Вакви искуства доживуваат повеќето трансродови лица на Балканот, и не само на државните гранични премини, пишува BBC на српски.
„Полицајците често се вулгарни. Ме прашуваат зошто сум се облекла како жена“, раскажува Кристина. Во пасошот ѝ стои женско име, но и дека е машки пол. „Во Македонија можеш да го промениш името во личните документи ако почнеш со земање хормони“, објаснува таа.
Границата ја поминала на пат кон Загреб. Во главниот град на Хрватска за прв пат се одржа „Балкански транс интер марш“ – собир на трансродовите лица од целиот Балкан. Чувани од десетина полицајци од интервентната полиција, стотина трансродови и интерсекс лица промаршираа низ Загреб со една единствена порака: „Мое тело, мој храм. Мој идентитет, моја работа“.
„Трансродноста не е избор, животен стил или нарушување. Тоа е медицинска состојба со која се раѓа човекот. Состојба во која полот кој си го добил со раѓањето не одговара на тоа што ти го чувствуваш“, објаснува Матеа Ана од Загреб. И таа е родена како машко, но за разлика од Кристина, податоците во документите целосно соодветствуваат со тоа што таа е. Тоа е затоа што во Хрватска, за да поднесете барање за промена на името и полот, е доволно да се добие потврда од ендокринолог и психолог дека е утврдена состојба на полова дисфорија.
Целата статија на BBC на српски.