Бауман на местото на Тер Штеген на голот на Германија


Германскиот селектор Јулијан Нагелсман во четвртокот го назначи голманот на Хофенхајм, Оливер Бауман, како замена за Марк-Андре Тер Штеген на голот на следните два натпревара на „Маншафт“ во Лигата на нации во октомври.

Следниот петок Германија патува за Босна и Херцеговина, а на 14 октомври во Минхен ја пречекува Холандија без својот повреден стартен голман, во групата А3 во која по две кола е на првото место.

Тер Штеген го повреди коленото во септември и мора да мирува до крајот на сезоната, а со оглед на тоа што долгогодишниот стартер Мануел Ноер во август објави крај на репрезентативната кариера, 34-годишниот Бауман конечно би можел да го одигра својот прв натпревар за германската репрезентација. Тој првпат беше повикан во германскиот тим во 2020 година, но тогаш не влезе во игра.

Германските медиуми шпекулираа за враќањето на Нојер, но светскиот шампион од 2014 година во саботата изјави дека неговата одлука е конечна, додавајќи дека Германија „не мора да се грижи“ бидејќи има неколку добри голмани.

Голманот на РБ Салцбург, Јанис Бласвиш и голманот на Штутгарт, Александер Нубел, се вториот и третиот голман на националниот тим.

Нагелсман првпат го повика и 29-годишниот напаѓач на Борусија Менхенгладбах, Тим Клајндиенст, на местото на повредениот центарфор на Вест Хем, Никлас Фулкруг.

- Реклама -