Барселона го позајми Ленгле на Атлетико, а Витор Роке на Бетис


Францускиот 29-годишен дефанзивец Клемент Ленгле и 19-годишниот бразилски напаѓач Витор Роке нема да играат за Барселона следната сезона, но се испратени на позајмица во Атлетико Мадрид и Бетис од Севиља, објави во понеделникот каталонскиот клуб.

Ленгле пристигна во Барселона од Севиља во 2018 година и оттогаш одигра 160 натпревари за каталонскиот тим и постигна седум гола, но последните две сезони ги мина на позајмица, играјќи во англиската Премиер лига за Тотенхем и Астон Вила.

Ленгле има договор со Барселона до 30 јуни 2026 година, а договорот за позајмица со Атлетико не вклучува опција за откуп на договорот.

За разлика од Атлетико, Бетис ќе има право да го откупи договорот на 19-годишниот Бразилец Витор Роке, кој во јануари пристигна во Барселона и на 16 настапи постигна два гола. Бразилскиот напаѓач е на позајмица во клубот од Андалузија „до 30 јуни 2025 година, со дополнителна година на позајмица како опција“, а во соопштението на Барселона се наведува и дека Бетис „ќе го регистрира играчот и ќе има право на откуп“.

Витор Роке потпиша договор со Барселона до 30 јуни 2031 година.

Водството на каталонскиот клуб со овие позајмици се обидува да ги реши финансиските проблеми поради кои Барселона сѐ уште не успеа да го пријави Дани Олмо за настапи во шпанското првенство.

Иако Барселона и минатата седмица го пушти германскиот играч за врска Илкај Гундоган да се врати во Манчестер Сити како слободен играч, Ханси Флик не можеше да смета на придонесот на Олмо во саботниот натпревар против Атлетик Билбао на Олимпискиот стадион, кој Каталонците го добија со 2:1.

- Реклама -