Банкарот што ја искритикува Русија дека е „економски заостаната“

618x434[1]

Претседателот на Управниот одбор на руската „Сбербанк“ – Герман Греф, во петокот одржа говор во кој ја искритикува Русија и ја стави во графата на економски заостанатите држави.

Ова не е прв пат Греф да си дозволи отворено да ја критикува Русија. Во 2013-та година, тој упати повик за сериозни реформи. Тогаш Греф истакна дека земјата има потреба од 100-процентна промена на атмосферата за инвеститорите, бидејќи основен фактор за економски раст се приватните инвестиции.

Греф важи за влијателен банкар и е поранешен министер за економски развој и трговија на Руската Федерација, функција која ја обавуваше 7 години – од 18 мај 2000-та, до 24-ти септевмри 2007-та.

Се смета за еден од архитектите на економската реформа спроведена за време на првиот мандат на претседателот Владимир Путин. Тој е и еден од луѓето кои се во директен контакт со рускиот претседател. Весникот Financial Times го дефинира како човекот одговорен за влегувањето на Русија во Светската трговска организација и човек одговорен за реформата на пензискиот систем. Прогласен е и за главен „виновник“ што задолжената Русија ја претвори во трговска сила.

Правник по професија, Герман Греф е роден во казакстански ССР во 1964-та година. Завршува на Оманскиот државен универзитет во 1990 година. Добитник е на голем број државни признанија, меѓу кои медал за служба на татковината, почесен орден, орденот „Александар Невски“, како и голем број признанија од претседателот на Руската Федерација. Тој е член и на Легијата на честа на Франција.

За време на својот говор на Гајдаровскиот форум во петокот, Греф посочи дека Русија ја изгубила технолошката трка во светската економија, а за победници ги прогласи оние држави кои навремено се адаптирале и инвестирале во развојот на технологијата.

„Ние го изгубивме натпреварот, треба чесно да го кажеме тоа… би рекол дека сме меѓу земјите кои се покажаа како губитници“, рече тој за време на значајниот економски форум.

„Земјите кои не успејаа да се прилагодат, ќе изгубат многу. Јазот ќе е поголем и од оној од времето на претходната индустриска револуција“, рече тој.

„Првата последица од оваа четврта револуција во човековиот развој ќе е огромниот јаз меѓу приходите на земјите победнички и земјите губитници, меѓу народите кои успеале и оние кои не успеале да се прилагодат на новата ситуација“, посочува Греф, според кого најголемиот проблем ќе го има средната класа.

„Ќе има голема побарувачка на професионалци со високи квалификации. Ќе остане стабилна и побарувачката на нискоквалификувани работници, но таа ќе се пополни од имигрантите, кои ги гледаме сега. Трагедијата ќе биде најстрашна за оние во средина, оние кои не сакаат да се занимаваат со нискоквалификуван труд, а не се подготвени да се зафатат со висококвалификуван“, посочи тој.

Според Греф, близу е крајот на ерата на фосилните горива, а новите извори на енергија релативно брзо ќе ја исфрлат нафтата од играта. Според него, новите технологии ќе променат сè – општеството, бизнисот и секој граѓанин, а најдраматичните промени ќе се однесуваат токму на секојдневието на обичните луѓе.

Според него, претстојат и радикални промени во сферата на енергетиката. Тој апелира за промени во целокупниот модел на образование.

Меѓу другото, Греф направи и споредба помеѓу „Sberbank-Technology“ и „Amazon“, за да докаже дека руската страна постојано заостанува зад западните конкуренти:

„Денес во Sberbank-Technology работат над 6.000 програмери. Минатата година направивме 27.000 промени во платформата, а оваа година ќе направиме 41.000 промени. Aмa aко се погледне Amazon, таму прават по 10.000 промени на платформата, на ден. Тоа е апсолутно неспоредливо со нашите 40.000 годишно“, посочи Греф.

Според него, единствениот начин за Русија да се врати во светската економска трка, е да го запре извозот на научници и квалификувана работна сила.

- Реклама -