Софија, 5 јануари 2022 (МИА/ БТА) – Основата врз која мораме да зачекориме во односите со Република Северна Македонија е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, изјави Станислав Балабанов од „Има таков народ“ пред новинарите во парламентот, по повод изјавата на Фејсбук на лидерот на партијата Станислав Трифонов.
„Ќе видиме како ќе почнат преговорите, но нема шанси тоа да се случи пред РСМ да ги исполни најважните услови – да го испочитува договорот со Бугарија, потпишан во 2017 година, бидејќи досега не гледаме да го прават тоа“, рече тој.
„Ставот на нашата партија е како оној на господинот Трифонов и се темели на коалицискиот договор – почитување на договорот, а идејата за укинување на визите за влез на бугарските државјани во САД е надградба“, објасни Балабанов.
Тој додаде дека секоја партија на КСНС кај претседателот ќе може да излезе со одредена позиција. Но, нагласи, дека без Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема да се водат разговори и визите ќе бидат последица.
„Република Северна Македонија мора да ги внесе Бугарите како народ во својот Устав, како и Албанците и Србите, и да го елиминира говорот на омраза“, соопшти ИТН.
Балабанов објасни и дека во својата објава Трифонов искажал личен став, граѓански став.
Тој категорично вели дека „нема да отстапиме од тоа да РСМ го почитува договорот за соработка и пријателство, сите точки од него, за да можеме да разговараме за нејзино пристапување во ЕУ, нагласи пратеникот.
Тој потсети дека тоа е запишано и во коалицискиот договор кој го потпишува и Станислав Трифонов.
„Така што коментарите и анализите дека сме се согласиле на пазарање со националниот интерес на Бугарија и дека ќе го продаваме на РСМ во име на други цели се апсолутна глупост“, заклучи Балабанов.
Инаку, коментира пратеникот, сосема логични се идеите во постот на Слави Трифонов дека за нас како граѓани треба да се отфрлат визите при влезот во САД и приемот во Шенген, врз основа на нашата лојалност како членки на НАТО и ЕУ.
„За жал, секогаш остануваме некаде во чекалната – за еврозоната, за Шенген, за визи“, додаде тој.
Според него, Бугарија е една од две-три земји од ЕУ кои не се ниту во Шенген, ниту се ослободени од американски визи и тоа не е логично, бидејќи ние сме европска земја.
„Бидејќи нашите лојални партнери имаат претензии за брз пристап на одредена земја во ЕУ, логично е тие да ги исполнат ветувањата кон својот лојален партнер, а не да не тераат толку долго да чекаме“, рече Балабанов.