Погледите вперени кон Алијанц Арената, Баерн Минхен ја пречекува Барселона

Големата битка помеѓу Баерн Минхен и Барселона за пласман во финалето од Лигата на Шампионите, започнува вечерва на Алијанц Арената.

Вечерва сите очи ќе бидат вперени кон Алијанц Арената, а таму, финале пред финалето во Лигата на Шампионите, Баерн Минхен против Барселона во првата битка за билет кој води на Вембли.

Баерн Минхен игра фантастична сезона, титулата во Бундеслигата беше рано заверена, а шампион во домашното првенство ќе биде и Барселона.

Двата тима со големи мотиви влегуваат во двобојот, Баерн Минхен само пред неколку години беше понижен од Барса во Лигата на Шампионите, но ова се едни поинакви Баварци, тим кој изгледа застрашувачки оваа сезона, екипа која ќе бара одмазда.

За Барса не се потребни многу зборови, Каталонците доминираат на фудбалската сцена во последните години, Меси и другарите секогаш целат на највисокиот пиедестал, и најчесто успеваат во тоа.

Ова е пресметка и помеѓу поранешниот и идниот клуб на Пеп Гвардиола.

На Алијанц Арената се очекува отворен фудбал и голови, впрочем тоа е стилот и на двете екипи, Барселона како и вообичаено ќе го има поседот на топката, а Баварците ќе му создадат многу мака на Виктор Валдес во обид да ја искористат предноста на домашен терен и да дојдат до победа.

За овој натпревар Јуп Хејнкес нема да може да смета на Марио Манџукиќ кој е суспендиран. Тони Крос заработи повреда поради која најверојатно ќе ја пропушти сезоната, а од поодамна е повреден и Бадштубер.

Тито Виланова има проблеми со одбраната, Карлес Пујол и Хавиер Маскерано се повредени, а Адриано нема да може да настапи поради суспензија. Очекувањата се дека Лео Меси кој отсуствуваше на неколку натпревари поради повреда, да биде стартер на Алијанц Арената, а позитивна вест за Барса е и враќањето на Ерик Абидал.

Можни состави:

Баерн Минхен: Нојер, Алаба, Данте, Ван Бујтен, Лам, Хави Мартинез, Швајнштајгер, Рибери, Милер, Робен, Гомез.

Барселона: Валдес, Алба, Пике, Бартра, Алвеш, Бускетс, Чави, Иниеста, Педро, Меси, Санчез.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -