„Јас ја критикувам Бугарија бидејќи се обидува да ве блокира, и сметам дека тие всушност сакаат нешто друго од ЕУ, па поради тоа ја држат Македонија во заложништво. Бугарија сака да биде во шенген-зоната, да биде дел од ОЕСР, сака да биде во еврозоната. Бугарија со години настојува да ги реализира своите амбиции, па со таа цел го користи вашиот спор како еден вид оружје“, вели австрискиот експерт и советник од невладиниот сектор за побрза интеграција на земјите од Балкан во ЕУ и во НАТО – Гунтер Фелингер, во интервју за ТВ „Алфа“, пренесува „Нова Македонија“.
Според него, Борисов, по шест години неуспешни обиди да го постигне тоа, сега се обидува да ги злоупотреби пристапните преговори на Македонија за конечно да ја оствари таа цел.
Сепак, истакнува Фелингер, најважно е што Албанија, Македонија и Црна Гора се членки на НАТО и покажале дека вистински се пријатели на Западот. Тој посочува дека сака сите три земји да ги види што побрзо како членки на ЕУ, па дури и во следните 3-4 години. Меѓутоа, Македонија ќе мора и да ја надмине бугарската блокада, ни порачува експертот.
Како што самиот вели, Македонија и Македонците немаат многу простор за отстапки:
„На пример, не можете да се откажете од Гоце Делчев. Не можете да ги промените основите на вашата историја, бидејќи вие во основа имате заедничка историја со Бугарија. Револуцијата на ВМРО и бунтот против Турците се работи од кои не можете да се откажете лесно. Исто така, не можете да правите компромис во врска со јазикот. Мислам дека не е можно јазикот да не си го нарекувате македонски“, потенцира Фелингер, па ни предлага:
„Вие можете да направите неколку работи. Дозволете ми да сугерирам. Можете да ги промените вашите државни празници што се многу провокативни за Бугарија. Особено 23 октомври, денот на ВМРО. Тоа е многу проблематичен празник, кој неодамна почна да се празнува. Другиот проблематичен празник е 11 Октомври, кој го славите како ден кога сте ги поразиле Бугарите. Тоа не е многу мудар наратив за една потенцијална современа членка на ЕУ. Би ви предложил тоа да не бидат државни празници, туку да бидат празници на вашите партии, на СДСМ и ВМРО. Нека не се празнуваат како државни празници. Ако ѝ дадете аргументи на Германија и ако покажете малку посмирен став во однос на проблемите со идентитетот, тогаш на г. Хајко Мас и г. Рот ќе им биде полесно да се договорат со Бугарија. Тие секој ден работат на тоа. Знаете дека Меркел неодамна ги покани сите Бугари и Македонци за да пронајдат решение за проблемот. Но вие во Македонија треба малку да го смирите тонот во однос на вашиот идентитет за да им ја олесните работата на Германците што бараат решение за овој проблем“.
Фелингер признава дека проблемот е во тоа што сме мала земја која сака да се приклучи на голем клуб на земји. Притоа, без многу зашеќерување ни поосочува:
„Вистина е дека малку е нефер. Вие не сте во позиција да го наметнувате своето мислење во ЕУ, но Бугарија е член на Унијата и таа се смета за сериозна земја-членка од страна на другите партнери. Вие немате големи сојузници. Германија навистина сакаше Хрватска да стане земја-членка на ЕУ во 2013 година. Германците, условно кажано, ја внесоа Хрватска во ЕУ, но вие ја немате поддршката на Грција, Италија, Франција, Германија, Романија. Не постои земја-членка што има голема желба да ве внесе во ЕУ. Вие сте во многу потешка ситуација“.
Австрискиот експерт, притоа, вели дека нѐ разбира дека ќе ни биде тешко да не го празнуваме 11 Октомври, но смета дека тоа е единствен начин да се убеди ВМРО да не го слави 23 Октомври.
„Јасно ми е дека сакате да го празнувате 11 Октомври, но можеби не како државен празник и неработен ден, кој за вас преставува извор на вашиот идентитет. Не гледам друг начин да го решите проблемот, освен да се откажете од празникот“, упорен, но и подготвен е Фелингер, нудејќи ни алтернативни замени:
„Она што можете да го направите, на пример, да го славите Денот на Охрид – 13 Август (кога е потпишан Рамковниот договор) или Денот на Преспа – 13 Јуни (Преспанскиот, нели), на пример тие можете да ги прогласите за државни празници. Тие ќе бидат нови празници поврзани со мирот со Грците и мирот со Бугарите. Втората светска војна одамна е завршена“.
Фелингер додава дека од самиот почеток се знаело дека бугарско-македонскиот однос е комплициран и треба да се изглади, а бидејќи Борисов е во тешка политичка состојба во која посегнува по „доза национализам“, ние треба да размислиме кои отстапки можеме, а кои не можеме да ги направиме. Во замена, Фелингер нуди европска помош:
„Треба да се подготвите за тие преговори. Ние во ЕУ сме многу рационални и сакаме да ви помогнеме. Дефинитивно ќе бидете дел од ЕУ, не грижете се. Но треба да ни олесните за да ви помогнеме и да ве внесеме“, порачува експертот (подетално ТУКА).