Ова револуционерно откритие ќе ја промени историјата на долната облека: Пред 600 години жените носеле градници.
Од Универзитетот од Инсбрук вчера изјавиле дека археолози нашле четири ленени градници од Средниот Век во австриски замок. Модни експерти го опишуваат откритието како изненадувачко со оглед на тоа што општото мислење е дека градникот бил создаден пред околу 100 години како замена за корсетите.
Но, се чини дека градникот настанал прв па дури потоа бил создаден корсетот, и на крај градникот бил повторно откриен. Еден примерок „изгледа идентично со (модерните) градници“ вели Хилари Дејвидсон, моден куратор од Лондонскиот Музеј. „Ова е неверојатно откритие.“
Иако ленените градници биле откриени уште во 2008 година Беатрикс Нуц, археологот одговорен за откритието вели дека до сега тие не привлекле внимание. За истражување на предметите и нивното датирање со помош на јаглерод било потребно време. Беатрикс Нуц минатата година одржала предавање за овие градници но информациите останале во академските кругови.
„Не можевме да поверуваме. Според она што го знаевме во петнаесетиот век не постоела облека како градник.“ Од универзитетот велат дека четирите градници биле откриени помеѓу 2700 текстилни предмети – некои ленени, други мешавина со памук – кои биле измешани со земја, растителна материја и парчиња кожа.
„Четири ленени предмети кои наликуваат на модерни градници“ од кои еден изгледа како модерна верзија со „две широки прерамки и можен ремен за околу грбот кој не бил зачуван но може да се претпостави по искинатиот крај на градникот“.
Градниците не биле само функционални. Тие биле декорирани што би значело дека биле наменети за задоволување на додворувач. Иако сликите од тоа време ја покажуваат облеката тие не откриваат што жените носат одоздола. Дејвидсон го опишува откритието како „пронаоѓање на врската која недостасува“ во историјата на женската долна облека.
Жените започнале да експериментираат со долна облека кон крајот на деветнаесетиот век а модерниот градник најверојатно е дело на Мери Фелпс Џејкоб која била незадоволна од изгледот на нејзиниот фустан врз цврст корсет. Во Замокот Лемберг во Тирол било откриено и парче облека кое изгледа како гаќи но Нуц вели дека ова е машка долна облека – жените не носеле долна облека под долгите фустани.