Минхенската трагедија -денот кога запре времето во Манчестер (тајмлајн)

22 октомври 1957 година. Откако ги потопија Астон Вила во тогашниот Charity Shield натпревар со 4 – 0, заедно со фактот дека минатата сезона имаа најмногу постигнати голови и освоени бодови од било кога, се шпекулираше дека Манчестер Јунајтед ќе ја освои првата тројна круна – во лигата, ФА купот и Европскиот куп.

На 4 декември, среда, Манчестер Јунајтед игра со Дукла Прага во Европскиот куп. Го губат мечот со 0 – 1, но минуваат во следната фаза благодарение на домашната победа од 3 – 0. Проблемите со одложувањето на нивното враќање за малку ќе значеше дека ќе го пропуштат големиот меч со Евертон следната сабота. Клубот решава за следното гостување, против Црвена Ѕвезда во Белград, да користи чартер авион.

Данкан Едвардс со југословенски новинари.

На 14 јануари 1958 година, Манчестер Јунајтед ја победува Црвена Ѕвезда со 2-1 на Олд Трафорд.

На 3 февруари, понеделник, Манчестер Јунајтед се качува на летот од Манчестер до Белград. Рутата е договорена преку Минхен, во двата правци, заради дополнување на гориво. Директна рута е невозможна – авионот не може да прелета толкава дистанца со едно полнење.

Стартната постава.

Неколку часа подоцна, пристигнуваат во ниски облаци, лоша видливост и снег. Условите се одвај над минимумот што авиокомпанијата ги дозволува за пилотите да слетаат. Времето е толку лошо што аеродромскиот инженер сфаќа дека авионот слетал дури кога се паркира на терминалот.

5 февруари, среда. Јунајтед и Црвена Ѕвезда играат нерешено 3-3, што значи дека Манчестер продолжува во полуфиналето на Европскиот куп втора година по ред. По натпреварот, играчите приредуваат коктел забава и слават во британската амбасада.

6 февруари, четврток. Патувачката дружина, заедно со уште 5 луѓе – меѓу кои и сопругата и бебето на југословенски офицер на пат кон Лондон, полетува од Белград за Манчестер. Иако времето е идеално – сончево, полетувањето се одложува за еден час, бидејќи крилото Џони Бери го губи пасошот.

Нешто подоцна, авионот слетува во Минхен според планираното, но во услови на ниски облаци, дожд и снег. Пилотот е приморан да ја користи анти-замрзнувачката опрема на крилата.

Како и да е, авионот успешно слетува, а играчите на Манчестер Јунајтед прават пауза за освежување во зградата на терминалот. Дел од играчите се во пријателска војна со топки снег со персоналот задолжен за дополнување на гориво.

По фината и ведра пауза, играчите се враќаат во авионот, а екипажот ги проверува крилата. Нивно е да решат дали ќе ги попрскаат крилата со течност за одмрзнување и дали ќе ги исчистат од снегот, но решаваат дека со оглед на околностите, тоа е непотребно.

Во 14:20 часот, малку по еден час од слетување, авионот добива дозвола за полетување. Меѓутоа, нееднаквиот звук од моторите ги алармира капетанот Џејмс Тејн и неговиот копилот – капетанот Кенет Рајмент, да го откажат полетувањето. Малку подоцна пробуваат повторно, но летот е одложен од истата причина. Капетанот Тејн на патниците им соопштува дека „имаат мали проблеми со моторите“, што значи дека авионот ќе треба да се врати на паркингот за понатамошна проверка на моторите.

Патниците уште еднаш го напуштаат авионот, а додека чекаат на терминалот, играчот Данкан Едвардс праќа телеграма до Манчестер: „Сите летови се откажани. Се враќаме утре. Данкан“. Неочекувано, малку потоа играчите добиваат повик да се качат на авионот, бидејќи дефектот е отстранет и е подготвен за полетување.

Во 15:04 часот, извршен е третиот обид за полетување. Авионот не успева да добие доволна висина и удира во оградата што го обиколува аеродромот, а потоа и во куќа. Левото крило и дел од опашката се откорнати, а куќата пламнува во оган. Дрво ја распарчува левата страна од кокпитот, а десната страна на резервоарот со гориво удира во дрвена колиба, предизвикувајќи камионот внатре полн со гуми и гориво да експлодира…

Додека да стигнат службите за помош, 21 од патниците се веќе мртви: 7 играчи, 8 новинари, травел агентот кој го организирал патувањето, и фан што патувал заедно со тимот. Два часа подоцна потрагата по преживеани е целосно откажана, само за едно 5 часа подоцна германски новинар да го најде Кени Морганс под остатоците.

Преживеаните се однесени во болница во Минхен. Меѓу нив се Алберт Сканлон – кој ќе остане во кома три недели, главниот напаѓач Боби Чарлтон со мали повреди на главата, и Џон Бери и Џеки Бланчфлауер, чии повреди значат дека никогаш веќе нема да заиграат фудбал.

Менаџерот Мат Базби има скршени ребра, продупчен бел дроб и повреди на нозете. Неговата положба е толку лоша што му викаат поп да го испрати „на другиот свет“. Од болницата излегуваат со извештај дека „едноставно немаат простор да се надеваат дека ќе го спасат“.

7 февруари (петок) и потоа. Телата на починатите се пренесени дома со авион и се оставени да ја поминат ноќта во соблекувалната на Олд Трафорд, пред да бидат земени од семејствата. Илјадници излегуваат на улиците за да учествуваат во погребите, се одржуваат комеморативни манифестации низ целата земја, а сите спортски натпревари, насекаде, почнуваат со 2-минутно молчење.

Се шират шпекулации дека клубот ќе се повлече, бидејќи нема да можат да ја комплетираат сезоната или да го реизградат распарчениот тим.

Алберт Сканлон додека се опоравувал во болницата во Минхен.

19 февруари, среда. Вестите велат дека на Мат Базби уште еднаш му е прочитана последната молитва од поп. На Данкан Едвардс и копилотот Кенет Рајмент секој ден сé повеќе им се влошува состојбата.

И покрај тоа, „импровизиран“ состав од 11 играчи излегува на теренот против Шефилд во средата во емотивниот натпревар од ФА Купот. На насловната страна на програмата од мечот пишува „Манчестер ќе продолжи“, а на делот каде што треба да биде наведен тимот стојат 11 празни места. Базби од болница му се јавува на асистентот Џими Марфи за да му каже „да продолжи да го вее знамето“. Јунајтед победува со 3-0.

21 февруари, петок. Данкан Едвардс им подлегнува на повредите. Една недела подоцна, и Кен Рајмент. Финалниот биланс на жртви се искачува на 23.

Меѓутоа, состојбата на Мат Базби се подобрува, и е испратен во Интерлакен во Швајцарија на опоравување.

8 март, сабота. Пред почетокот на домашниот меч на Манчестер, емитувана е порака од менаџерот Базби. Како што пренесуваат тогашните весници, жените плачеле кога му го слушнале гласот на преполниот и тивок Олд Трафорд.

18 април, петок. Мат Базби за првпат се враќа во Манчестер, 71 ден од несреќата. Доаѓа директно од Швајцарија. Патувал со воз и со брод (не со авион).

Мат Базби во болница.

3 мај, сабота. И покрај пропаднатата сезона, под лидерството на Џими Марфи, Јунајтед стигнува до финалето на ФА КУпот, каде играат против Болтон Вандерерс. Марфи е тој што го води тимот, но Базби полека стигнува до клупата одејќи со бастун. Тимот носи дресови со феникс кој воскреснува од пепелта.

Сепак, мечот е голем залак за десеткуваниот тим на Манчестер. Губат со 0-2.

Боби Чарлтон, фотографија од мечот.

8 мај, четврток. Јунајтед го победува Милан во домашниот натпревар од полуфиналето на Европскиот куп со 2-1. На 14 мај, меѓутоа, губат на Сан Сиро со 0-4, што значи и нивно испаѓање од купот.

Сепак, подоцна UEFA ѝ нуди на Англиската фудбалска асоцијација да го пријави Јунајтед за учество во купот во следната сезона, во чест на играчите и клупските претставници кои ги изгубија животите во авионската несреќа. Фудбалската асоцијација ја одбива понудата, бирајќи да ги испрати само шампионите – Волверхамптон Вандерерс, како и обично.

Меѓутоа, во годините што следеа, Мат Базби и  младиот Боби Чарлтон повторно ќе го кренат клубот во височините. 10 години подоцна и ќе ја освојат својата прва титула во Лигата на шампионите, токму со Манчестер Јунајтед.

 

- Реклама -