Авантурист кој го освоил Монт Еверест пред три години вели дека сега трага по Јети… Или барем остатоците на Јети. Пред неколку години, додека се аклиматизирал во Непал, Мајк Алсоп ја чул приказната за раката и черепот на „Снежниот човек“.
Според приказната, примерок од коски на јети биле украдени од манастир во селото Пангбуче во 1999 година од човек кој трагал по докази за јети. Алсоп бил толку погоден од оваа приказна што успеал да создаде неколку реплики, и се заколнал дека ќе ги пронајде оригиналите.
Тој изјавил: „Во 2005 година, поминав некое време со лама Геше во неговиот дом во Горен Пангбуче. Разговарав со него за Јети и тој и неговата сопруга започнаа да се расправаат. Кога ја прашав нивната ќерка за што е кавгата, таа рече ,Тато вели дека пријателка на мама била нападната од Јети пред десет години, а мама вели дека било пред 15 години’. Приказната за раката и черепот е легендарна, и кога тие биле украдени целата заедница била бесна.“
Алсоп вели дека веднаш посакал да им помогне на монасите бидејќи го дели нивното верување дека „ако секој даде малку повеќе одошто зема во овој живот, тогаш светот ќе биде многу подобро место“. Кога ќе се врати во Пангбуче во април тој ќе ги донира репликите на манастирот со надеж дека тие повторно ќе можат да имаат мал приход од туристи, но неговата цел е да ги најде и врати оригиналите.
Тој се надева дека оној кој ги поседува оригиналните артефакти ќе чуе за неговиот напор и ќе понуди да ги врати. Алсоп вели дека е подготвен да одлета до било кој крај на светот за да ги врати артефактите. Запрашан дали навистина верува во постоењето на Јети, Алсоп вели: „Имам зборувано со многу луѓе кои имаа видено јети или имале контакт со Јети. Во 2007 година на Еверест запознав шерпас со 3 многу големи лузни на лицето. Кога имал 7 години тој отишол зад грмушка поради природна потреба и бил нападнат од Јети. Шерпасите генерално веруваат во постоењето на јети и постојано зборуваат за нив. Има нешто што им прави проблеми на овие планински луѓе, дали е тоа мечка која стои на задните нозе, не знам. Сè уште не сум одлучил, но ми се допаѓа мистеријата и интригата.“ [Return the Hand]