Ова астронаутиве да ти биле ептен „сочни“ говорници…
Пред половина век, кога вселенските истражувања беа во подем, астронаутите важеа за бестрашни херои и општ пример за однесување. Паралелно со напредокот во оваа област, растеше и бројот на астронаути, а неизбежно, и бројот на испади што истите тие херои ги имаа во јавноста. Многу од астронаутите доаѓаат од воените кругови (претходно биле тест-пилоти), во кои вулгарноста и пцовките се повеќе од чести, па прашање на време беше кога ќе излетаат првите „не така книжевни“ изрази од устите на вселенските скаути. Официјалните лица на НАСА не беа воодушевени, па се впуштија во потрага по потенцијални решенија за проблемот.
Како што се вели во извештајот на Ејми Тајтел, која се бави со историјата на вселенските истражувања, некои астронаути имале сериозен проблем со речникот, па НАСА неколку пати била на големи маки тоа да го сокрие од јавноста. На пример, во неколку наврати НАСА била приморана да цензурира изјави за „испуштање голуби“ и зборови што почнуваат на „Е“ (погодете сами).
За да го решат проблемот, од НАСА прибегнале кон употреба на хипноза.
„Еден астронаут беше познат по својот остар јазик. Со оглед на тоа што неговото истражување на Месечината беше често јавно пренесувано, НАСА постојано се плашеше од тоа дека некоја од неговите пцовки ќе заврши во етерот. Што направија? Во рамки на подготовката за една мисија, астронаутот беше подлегнат на хипноза. Хипнозерот некако успеа во неговата глава да вметне идеја за потпевнување, наместо пцуење. Имено, кога и да би му залутале мислите на астронаутот, тој би запеал некоја песна“, вели Тајтел во извештајот. Иако никогаш официјално не е откриено неговото име, Тајтел смета дека се работи за Пит Конрад, единствениот астронаут познат по тоа што потпевнувал „Дум ду ду ду“ додека чекорел по Месечината.
Со оглед на се што преживуваат астронаутите додека се по неколку месеци сами во космосот, нашиот став е дека треба да ги оставиме на мира да си пцујат. Од друга страна, НАСА не може туку така да не залаже – ние знаеме дека ги хипнотизираат астронаутите за да не ни кажат за американските, руските, па и нацистичките бази на темната страна од Месечината.