„Асошиејтед прес“ го отпушти новинарот одговорен за веста дека руски проектили паднале во Полска

Њујорк, 22 ноември 2022 (МИА) – „Асошиејтед прес“ отпушти новинар кој известува за прашања од национална безбедност, кој погрешно известил за минатонеделниот ракетен напад во Полска, што доведе до широко распространета но неточна вест која дала впечаток дека Русија е одговорна за инцидентот.

Џејмс Лапорта (35) е отпуштен по кратка истрага, потврдија луѓе од новинската агенција за „Вашингтон пост“.

Весникот потсетува дека на 15 ноември во експлозијата во полското село Пржеводов, во близина на границата со Украина, загинаа две лица и предизвика тревога низ светот. Неколку часа подоцна, Асошиејтед прес објави „вонредна вест“ во која цитираше неименуван „висок официјален претставник на американското разузнавање дека руските проектили стигнале до Полска, членка на НАТО, при што загинаа две лица“.

Информациите беа очигледно неточни. Полските и претставниците на Европската унија подоцна изјавија дека веруваат оти проектилот истрелан од украинските сили скршнал од курсот и ја прелетала полската граница.

Прочитајте и:  ЕУ поделена околу одлуката на Бајден за напади длабоко во Русија, се стравува од нуклеарна војна

Но, првичната вест на АП, испратена до илјадници медиуми ширум светот, остави впечаток на застрашувачка ескалација на рускиот напад врз Украина. Руски напад на територијата на Полска, членка на НАТО, може да предизвика воен одговор од пактот според клаузулата за заемна одбрана. И други медиуми брзо ја пренесоа информацијата.

Еден ден подоцна, погрешните информации беа отстранети од веб-страницата на АП и заменети со уреднички текст во кој се признава дека неименуваниот единствен извор бил погрешен и оти „подоцнежните информации укажаа дека ракетата од била руско производство и најверојатно истрелана од Украина во одбрана од руски напад“.

- Реклама -