Арсенал во Лигата на Шампионите, Тотенхем во Лига Европа

Арсенал победи на гостувањето кај Њукасл и остана во топ 4, пиров беше триумфот на Тотенхем против Сандерленд, Спарси ќе играат во Лига Европа, ВБА и Манчестер Јунајтед одиграа натпревар со дури десет погодоци кој заврши без победник.

Со победа од 1-0 на гостувањето кај Њукасл, Арсенал остана на четвртата позиција на табелата во Премиерлигата и следната сезона ќе настапува во Лигата на Шампионите.

Херој за Топџиите беше Кошчиелни кој реализираше во 52. минута од натпреварот.

Тотенхем и овој пат потфрли во финишот од сезоната, Спарси ќе треба да се задоволат со учество во Лига Европа.

Тимот на Вилаш Боаш со 1-0 славеше над Сандерленд, но победата не промени многу.

Герет Бејл во 89. минута постигна прекрасен погодок за триумф на Тотенхем од 1-0.

Челзи со победа од 2-1 над Евертон ја завери третата позиција која на Сините им носи директен пласман во групната фаза од Лигата на Шампионите.

Челзи поведе уште во 7. минута со гол на Мата, но веќе во 14. Нејсмит го изедначи резултатот на 1-1.

На 15 минути до крајот од натпреварот Фернандо Торес постигна гол и донесе победа за Челзи од 2-1.

Натпревар со дури десет погодоци одиграа Вест Бромвич и Манчестер Јунајтед кој заврши 5-5, Сер Алекс Фергусон за последен пат ги водеше Црвените Ѓаволи.

Манчестер Јунајтед на два пати имаше водство од три гола разлика, но на крајот не успеа да победи.

Кагава, автогол на Олсон, Бутнер, Ван Перси и Ернандез беа стрелци за Манчестер Јунајтед.

Ромелу Лукаку постигна хет-трик, по еднаш реализираа Морисон и Мулумбу во екипата на ВБА.

Горан Попов го преседе натпреварот на клупата за резервни играчи.

Со гол на Кутињо, Ливерпул со 1-0 го победи КПР.

Манчестер Сити со 3-2 загуби на свој терен од Норич, Родвел беше стрелец на двата погодоци за Граѓаните.

Во останатите натпревари од Премиер лигата, Саутемптон и Стоук одиграа 1-1, Фулам со убедливи 3-0 го победи Свонси на негов терен, Вест Хем со 4-2 беше подобар од Рединг, Виган и Астон Вила одиграа нерешено 2-2.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -