Арсенал се врати во топ 4, Виган испадна од Премиерлигата

Арсенал со убедливи 4-1 го совлада Виган и се врати на место кое води во Лигата на Шампионите, нивниот противник се сели во Чемпионшип дивизијата само неколку дена по освоениот трофеј во ФА Купот.

Изминатиот викенд фановите на Виган славеа историски успех, трофеј во ФА Купот, но сега се разочарани, нивниот тим испадна од Премиерлигата.

Арсенал ја оправда улогата на фаворит, победи со 4-1 и се врати на четвртата позиција на табелата на коло пред крајот.

Домаќините одлично го започнаа натпреварот, доминираа и создаваа можности за гол.

Во 11. минута Подолски со глава реализираше за водство на Арсенал од 1-0.

Како одминуваше времето, Виган се враќаше во натпреварот, пред самиот крај на првото полувреме, Малони со убав гол од слободен удар изедначи на 1-1.

На почетокот од вториот дел Виган имаше шанси и да поведе, притисокот врз играчите на Арсенал беше огромен.

Во 63. минута Тео Волкот успеа да постигне гол и да го врати водството на Арсенал.

Со новото водство како да падна голем камен од плеќите на фудбалерите на Арсенал, ја превземаа играта во своите раце и го докрајчија противникот.

Во 68. минута Подолски го постигна и својот втор гол на натпреварот за водство од 3-1.

А три минути подоцна Арон Ремзи ги постави конечните 4-1.

Во последното коло Арсенал мора да брка победа на гостувањето кај Њукасл, Тотенхем го пречекува Сандерленд.

Сите дилеми околу опстанокот се решени, КПР, Рединг и Виган ја напуштаат елитата.

Вечерва се одигра и натпреварот помеѓу Рединг и Манчестер Сити кој заврши со победа на гостите од 2-0.

Агуеро и Џеко беа стрелците за Граѓаните.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -