Референдумитe на глобален план стаанаа вообичаен инструмент за легитимирање на однапред изготвени политички решенија, маскирани како „волјата на народот“.
Почнувајќи од Brexit, кој доведе до решението Велика Британија да ја напушти ЕУ, па преку популистичката фарса на Орбан со квотите за бегалци во Унгарија, па до неразумното отфрлање на спогодбата за мир во Колумбија – веднаш станува јасно дека има некаков апсурден проблем со таканаречената „директна демоктратија“ во 21-от век.
Унгарската ранливост
На 2 октомври 2016-та, 98 проценти од гласачите на референдумот во Унгарија гласаа против планот на Европската Унија според кој 1.300 мигранти треба да бидат привремено и на краток рок населени на територијата на Унгарија.
За спроведувањето на референдумот се зборуваше уште во февруари. На крајот беше свикан и покрај фактот што не постои легален начин на кој Брисел може „присилно“ да насели бегалци во земја каде што не се добредојдени. Уште повеќе што и од самите мигранти многу малку сакаат да останат во Унгарија, бидејќи тамошната економија е многу послаба отколку во другите европски држави и со тоа нуди помалку можности за професионална реализација.
И покрај тоа што едниот од понудените одговори собра убедливо мнозинство, резултатот беше отфрлен бидејќи на референдумот излегоа помалку од 50% од тие со право на глас – што според унгарските закони автоматски го прави решението невалидно. Но тоа не го спречи премиерот Виктор Орбан – евроскептик и националист популарен на светско ниво, а кој воедно беше и главниот агитатор за тоа да се отфрлат плановите на Брисел – гордо да прогласи победа, бидејќи со референдумот Орбан ги легитимираше своите популистички антиевропски позиции, со кои ја крепи својата популарност.
Прашањето на кое Унгарците требаше да одговорат, беше поставено вака: „Сакате ли Европската Унија да може да наредува задолжително населување на граѓани од неунгарско потекло во Унгарија дури и без одобрение на парламентот?“. Прашањето беше составено од владата на Орбан. Можните одговори беа “Да” и “Не”.
До референдумот дојде како последица на решението на Европскиот сојуз привремено да ги населува мигрантите во земјите-членки на квотен принцип, со што би се намалил притисокот врз земјите од Унијата во кои има најмногу бегалци. Но како што спомнавме и погоре, Брисел никако не може тоа да го стори насила.
Орбан пак, уште со години – поточно од почетокот на својот втор мандат како премиер кој започна во 2014-та, тенденциозно ја искривува перцепцијата за хуманите усилби на Брисел и европските лидери, систематски споредувајќи ги бегалците со терористи. Неговите популистички говори на тема бегалци се неговиот единствен инструмент за рејтинг низ целиот негов втор премиерски мандат.
Орбан веќе активно ги употребува резултатите од референдумот како оправдување за да се спротивстави на фасадната политика на гостопримство на ЕУ („фасадна“ затоа што во пракса ниту една европска земја не создаде дури ниту еден легален пат за азилантите). Веројатно Орбан ќе продолжи со истата тактика и во иднина.
Апсурдот во Колумбија
Во периодот на целосно излишниот референдум во Унгарија (но не и излишен за популистичките цели на тамошната власт), се спроведе референдум и во Колумбија. По долгиот 52-годишен конфликт, владата на јужноамериканската држава во август постигна мировен договор со борците на Колумбиските револуционерни вооружени сили (ФАРК). Така беше ставен крај на полувековните крвопролевања во кои загинаа околу 220.000 луѓе.
За колумбискиот народ, договорот беше конечно остварување на долгоочекуваната шанса за мир. Шанса која сега е под закана.
Под закана е зашто иако на референдумот гласаа само една-третина од тие со право на глас, 50.2 проценти гласаа за отфрлање на мировниот договор. Резултатот наиде на големо негодување кај Колумбијците од крајбрежните региони, каде поддршката за мировниот договор е и највисока. Меѓутоа, многу од овие луѓе немаа можност да отидат до избирачките локации и да гласаат на денот на референдумот, затоа што крајбрежјето на Колумбија тогаш беше погодено од ураган.
И колумбискиот референдум во принцип беше апсолутно непотребен за утврдувањето на мировниот договор. Но претседателот Хуан Мануел Сантос презема ризик, во обид на неговото решение да му биде дадена легитимност од страна на народот. Од друга страна, гласачите беа под силно влијание на лидерите кои агитираа за „Не“, и кои притоа во кампањата не пропуштија да отворат стари рани и да разбудат стари стравови.
Во обраќањето кон нацијата, Сантос изјави дека го прима резултатот, но дека ќе продолжи засилено да работи за постигнувањето на мир. Макар што со резултатот од референдумот, во пракса, мирот одново се стави под знак прашање и се јави наполно реална можност војната да избувне со нова сила, Хуан Сантос доби Нобелова награда за мир за постигнувањето на историскиот договор за мир.
Brexit и тажниот автогол
Во јуни, 51.9 проценти од Британците гласаа за излегување на Британија од ЕУ. Кампањата за референдумот беше целосно негативна, а дури и насловите во медиумите беа целосно во поткрепа на напуштањето на Европската Унија.
Откако резултатот стана јасен, многу од учесниците во референдумот не сакаа да го прифатат исходот, тврдејќи дека не биле добро информирани и дека биле под силно влијание на политичарите и јавните фигури. Многу Британци тврдеа дека би сакале да можат уште еднаш да гласаат, овој пат обратно. Но, автоголот веќе беше примен.
Веднаш по објавувањето на резултатите, британската фунта – една од најсилните валути на глобален план – падна до едно од најниските нивоа во последните неколку децении.
Нуклеарната централа во Бугарија
Добар пример е и референдумот во соседна Бугарија спроведен на 27 јануари 2013-та, кога се гласаше за изградба на нова нуклеарна електроцентрала. Решението не влезе во сила бидејќи на референдумот излегоа помалку од 50% од тие со право на глас.
Интересното во случајот е што во прашањето на референдумот не беше наведена локацијата на евентуалната централа, макар што во кампањата главно се зборуваше за Белене.
Патем, треба ли да го спомнуваме референдумот за фасадата на Градски Трговски Центар?
* * *
По сé изгледа, референдумот денес се претвори во политички мотивиран инструмент за изигрување на луѓето и нивно провоцирање да гласаат во корист на идеи на кои при една потрезвена проценка обично би се спротивставиле.
Резултатите сé почесто зависат не од самото прашање, туку од неповрзани со реалноста популистички тврдења, од натпревари за рејтинзи меѓу политичарите и популарните фигури, како и од емоциите на гласачите.
Горенаведените примери се добри примери за експлоатирањето на референдумот за легитимирање на малициозни политики. Но, се разбира, тоа не значи дека никогаш не треба да се одржуваат референдуми, а уште помалку дека директната демократија нема иднина.
Напротив, во добро информираните општества, какво што е на пример швајцарското, референдумите се секојдневие, каде дури и популистичките предлози (како на пример безусловниот основен приход за секој Швајцарец) често се отфрлани.
Сума-сумарум, референдумите се средство за легитимирање на празноглавоста во корист на политичката демагогија само таму каде што граѓанската свест сé уште не е достигната до ниво на кое секој човек осознава дека иднината на целото општество е во неговите раце; дека донесувањето на адекватни решенија во демократските општества е задолжение на народот, а дека политичарите се само негови службеници.
Затоа, референдумите во Велика Британија, Унгарија и Колумбија нека не бидат повод за ограничување на директната демократија, туку нека бидат лекција по истата, за целиот слободен свет.