За повеќето луѓе, откривањето на тајната за вечниот живот, или одењето во рајот и вечното живеење во благослов е најголемата цел. Но за некои други луѓе, концептот на живот без крај и концептот на бесконечноста се застрашувачки, и тоа до степен што им пречат да живеат нормален живот. Овие луѓе страдаат од малку-позната и уште помалку дискутирана „состојба“, наречена апеирофобија.
Нема да најдете многу научна или медицинска информација на нет. Дури нема ни Википедија страна посветена на апеирофобија. Не ја спомнуваат ни поголемите медицински сајтови. Ама ако темелно барате, ќе најдете стотици форумски постови, споделувања на социјалните мрежи или блогерски написи од луѓе кои ги споделуваат своите приказни за борбата со стравот од вечниот живот или бесконечната вселена. Овие луѓе претежно бараат помош, помош во справување со анксиозноста, помош со несоницата, со депресијата. Можеби не докажуваат ништо научно, но овие сведоштва се доказ дека апеирофобија не е само некаква измислена состојба.
За разлика од другите фобии, апeирофобијата е многу потешка за објаснување, па повеќето си ја чуваат во тајност. Едно е да кажете дека се плашите од змии, од височина или отворен простор. Сосема друго е да соопштите дека се плашите од бесконечноста на вселената и дека засекогаш ќе живеете. И стравот е различен – од змија можеш да избегаш, ама од вечноста – ако постои – не. И додека многумина совршено би го сфатиле стравот од смртта, стравот од бескрајот и вечноста се многу покомплексни.
Но тие што страдаат од апеирофобија имаат доста силни аргументи за својот страв, особено вечниот живот. Дали на овој свет или по смртта, помислата дека ќе постоиш засекогаш, без можност да го завршиш своето постоење – е застрашувачка. Отсуството на можност за излез, без разлика колку убава и исполнета би била таа вечност, ги вади од памет овие луѓе. Самата помисла на тоа предизвикува низа симптоми: од анксиозност и панични напади, до депресија. Некои го опишуваат чувството како клаустрофобија, како да си заробен, заглавен во времето.
„Се плашам дека порано или подоцна во вечноста, неизбежно ќе стигнам точка кога сум искусил сé, сум научил сé, сум направил сé, сум ги сретнал сите, и порано или подоцна ќе бидам заглавен во ситуација да ми е здосадено постоењето, но ќе немам излез без разлика колку и да сакам да избегам“, пишува извесен Пол на Phobia Fear Release. „И иако ќе треба многу време за да стигнам до таа точка, јас размислувам дека тоа сепак ќе случи, и дека сето тоа време поминато во вечноста, до тој момент, ќе се чини како само миг, бидејќи времето е само перцепција и мерка, идеја со која ги мериме деновите итн… итн…“.
„Знам дека за повеќето христијани, идејата за вечен живот е многу пријатна, но за мене… Едноставно не би можел да се справам со неа“, вели извесен Том за YOMYOMF. „Едноставно ќе лежам во кревет и ќе почнам да размислувам за вечниот живот, и едноставно почнувам да се мрднувам од умот. Сигурен сум дека жена ми ме мислеше за луд. Имав успешна кариера и супер брак и семеен живот – животот требаше да биде супер, но ова нешто ме изеде“.
Но, како што наведовме и погоре, стравот од вечен живот е само едната половина од паричката. Другите што страдаат од апеирофобија немаат проблем со идејата дека ќе бидат живи засекогаш, ама се исплашени од бесконечноста.
„Се чувствувам како сите да сме безначајни во споредба со универзумот“, пишува извесна Џејн Адкинс на Фејсбук. „Кога почнувам да мислам надвор од нашиот сончев систем, тоа е исто како моите сопствени мисли да престануваат да ме штитат од тоа да доживеам паничен напад. Сознанието за црните дупки ми создава кошмари што траат со денови. Помислата за дистанцата меѓу галаксиите е неподнослива“.
Како што рековме, овие луѓе кои ги споделуваат нивните приказни, обично бараат помош и начини како да се изборат со апеирофобијата. Кај некои од нив медицинските третмани и бихејвиоралната терапија вродуваат со плод. На останатите им преостанува само едно – да си го окупираат умот со други работи, и да не му остават ни миг за да помисли на вечноста и бескрајноста.
Научниците немаат конкретно објаснување што ја предизвикува оваа состојба, но се смета дека веројатно има врска со тоа како мозокот процесира концепти како вечност и бесконечност. Мартин Винер – асистент професор по Когнитивна и бихејвиорална невронаука (Cognitive Neuroscience, Time Perception, Space Perception) на универзитетот Џорџ Мејсон, вели дека фронталниот лоб – делот од мозокот кој го контролира долгорочното планирање, последен се развива додека растеме.
„Во адолесценцијата, полека почнува да се раѓа сознанието дека ќе станеме возрасни. Претпоставувам дека кај апеирофобијата, човек доаѓа до ‘сознанието’ дека после смртта ќе живее вечно (ако верува во тоа), и додека го симулира тоа искуство во мозокот, тој сфаќа дека нема начин да се самопроектираш напред до ‘засекогаш’. Тоа искуство/сознание, неизбежно предизвикува анксиозност… Во таа смисла, стравот и анксиозноста на овие луѓе може да не е многу поразличен од стравот од растењето, стареењето, или смртта“.