Апасиев со барање до Уставен суд бидејќи Талат Џафери „не дозволува“ референдум за францускиот предлог

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска поднесе барање до Уставниот суд за „заштита на правото на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност“, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, информира партијата.

Од Левица посочуваат дека по барање на Апасиев, Уставниот суд веќе оформил предмет и е должен да одлучува во скратена постапка.

Според партијата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја суспендирал демократијата и ги крши Уставот и законите, бидејќи не дозволува референдумско изјаснување за т.н. „француски предлог“.

„Талат Џафери и покрај јасните деловнички обврски, одбива да ја проследи иницијативата за референдум поднесена од Димитар Апасиев до надлежните собраниски работни тела и незаконски ја узурпира надлежноста на пленумот на Собранието, арбитрарно и малициозно прогласувајќи ја иницијативата за неуредна“, се наведува во соопштението.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Со ова, според Левица, „нелегално дејствие“, претседателот на Собранието оневозможува „граѓаните директно да се изјаснат за прашање кое е клучно по иднината на Република Македонија, еклатантно кршејќи го Уставот и загрозувајќи го владеењето на правото и демократијата во Републиката!“.

„Очекуваме Уставниот суд да се издигне над политичките притисоци од власта и да застане во одбрана на уставниот поредок на Република Македонија, со што ќе го задолжи Џафери да постапи согласно неговите уставни, законски и деловнички обврски и ќе овозможи собирање на потребните 150.000 граѓански потписи за распишување на референдум на државно ниво“, се додава во соопштението на Левица.

МИА

- Реклама -