„Не требаат 8.000 километри за некој да дојде до наодите. Тие се најдени уште пред четири години. Не требало да се чека однадвор некој да ни кажува дека постојат наоди. Напротив, надлежните требале да постапат по нашите наоди, по наодите на Државниот завод за ревизија, зашто само на тој начин можеме да го зајакнуваме контролниот систем, системот на интегритет на институциите и довербата на граѓаните. Непочитувањето на работењето на независните институции нѐ доведува до ова дереџе до кое што сме сега“, рече денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) – Билјана Ивановска, во врска со предметот против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и претседателот на Основниот суд – Струга, отворен од страна на ДКСК кој веќе, како што рече, застарел.
Ивановска на прес-конференција детално образложи како течела постапката за овој случај, од отворањето на предметот во мај 2019 година до денеска. Притоа констатира дека „очигледно постојат спреги кои не дозволуваат институциите да функционираат како што треба“.
„Очигледно постојат спреги кои не дозволуваат институциите да функционираат како што треба, дали да тргнеме од негативна селекција, избор на раководна структура, вработувања… На секој можен начин, во секоја пора, се обидува да се влијае. Тие се причините, не гледам други, а на тоа ако се додаде и недостигот на интегритет кај поединци кои се поставени на несоодветен начин на одредени позиции кои имаат за враќање таму од каде ги поставиле, многу јасно е дека на ваков начин ќе се функционира. Ова не е единствен случај што ДКСК го дала до Обвинителството или дала препорака. Колку иницијативи до Владата сме дале, па не презема ништо за разрешување или одговорност“, рече таа.
Според Ивановска, сите предмети засновани на наоди од страна на ДКСК и Државниот завод за ревизија, како независни институции, треба да одат на побрза лента во Јавното обвинителство, зашто се со поткрепена документација и за нив веќе е изработен голем дел од истражувањето.
„Сакаме да потсетиме дека ДКСК, по сопствена иницијатива, а врз основа на наоди изнесени во медиумите, отвори предмет за струшкиот градоначалник Мерко во мај 2019 година. Притоа, констатиравме дека тој свесно и намерно ги злоупотребил својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување, презел дејства спротивно на начелата на законитост и интегритет на јавниот интерес и на интересот на општината при што нанел штета на Буџетот на Општина Струга и на Буџетот на државата и прибавил противзаконска корист за себе и за друг. Врз основа на констатираните наоди, поткрепени и со наодите од конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, ДКСК до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) на 18 ноември 2019 година поднесе Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службеното лице Мерко“, рече Ивановска.
ДКСК од ЈОРСМ на 4 декември 2019 година била известена дека Иницијативата е доставена до Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Струга за натамошно постапување, а на 4 демекври 2021 година ДКСК испратила ургенција до ОЈО – Струга за да добие одговор – дали е постапено по Иницијативата.
„Оттаму, на 11 февруари 2021 година, нѐ известија дека Иницијативата ја доставиле на надлежно постапување до Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи Мерко се товари за нанесена штета на Буџетот на Општина Струга и на државниот Буџет при вршење јавни набавки. Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција издал наредба до Единицата за корупција при Министерството за внатрешни работи, за натамошно постапување. На 4 август 2021 година, од оваа Единица ДКСК доби барање за доставување документи по што постапивме, ги доставивме. Оттука натаму не знаеме што се случува со предметот, освен последното известување од координаторот од Републичкото јавно обвинителство, на наше прашање што се случува со предметот, ни рече дека: Во Јавното обвинителство е во тек увид и проверка во постапувањето по предметите и од тие причини не сме во можност да ви ја доставиме бараната информација во моментов. Ова е најпоследната информација од Јавното обвинителство. Од денес е ова, ние вчера побаравме да видиме што се случува, ни кажаа дека не можат да споделат повеќе податоци“, информира Ивановска.
Паралелно, додаде, ДКСК на 18 ноември 2019 доставила пријава и до Судскиот совет за работењето на претседателот на Основниот суд – Струга, поради сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга, за зголемување минимум средства за извршување на основната дејност на Општината, бидејќи за две решенија со иста фактичка состојба и исти образложени причини, донесени биле различни одлуки.
„Од 2010 година Општина Струга работи со блокирана сметка и минимумот за нејзино функционирање го определува Судот. Од 2013 – 2016 година се бара од Судот золемување на минимумот, но во 2017 година, по барање на Мерко, тој минимум е зголемен. Значи, при непроменети услови, минимумот бил зголемен. На 20 мај 2021 година ДКСК доставува ургенција до Судскиот совет, имајќи предви дека поминал подолг период од доставувањето на пријавата. Судскиот совет на 7 јули 2021 година нѐ известува дека по извршените проверки во електронската архива, таков предмет не е пронајден. Еве го предметот, претставката што сме ја доставиле со картонче дека е примено во Судски совет. Значи, имаме доказ дека претставката во Судскиот совет е примена. Тоа кај нас создава сомнеж и затоа се потрудивме пред јавноста да докажеме дека си имаме доставница која ни гарантира дека предметот стигнал до Судскиот совет. Што се однесува до наводите за претседателот на Судот во конкретниот случај, предметот е застарен, тоа кажува Судски совет, бидејќи решенијата биле издадени во 2016 и 2017 година. Во време кога ние сме го доставиле предметот, не бил застарен зашто не биле поминати три години. Потоа предметот исчезнува, иако имаме доказ дека сме го доставиле, но во меѓувреме, кога треба да ни одговорат, велат дека предметот застарел“, рече Ивановска.
По добиените одговори од надлежните институции, во ДКСК постапката за овој предмет е затворена.
„Ние реално веќе немаме што да постапуваме, сме дале иницијативи и препораки, тоа од наша страна може да се направи. Нема законски механизам како ние сега да постапиме во случајов и затоа работите ги соопштуваме во јавност“, истакна Ивановска.
Таа посочи и повеќе случаи на непостапување од страна на Владата по директни укажувања од ДКСК и постети на препораките од ЕК, дека земјава треба да ги зајакне заложбите за борбра против корупцијата.
Извор: МИА