Антикорупциска: Фирмата на Нефи не може да урива дивоградби во Охрид (макар биле и негови)

Нефи Усеини од ДУИ, како лице со јавни овластувања и член на Советот на Општина Охрид, не може да воспостави деловни односи со фирма која е во негова сопственост или во која тој (или друг член од неговото семејство) има удел. Односно, неговата фирма не може да биде избрана од Општина Охрид на тендерот за избор на фирма која ќе ги урива дивоградбите во Охрид, реагираат од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК ака. Антикорупциска) откако вчера, откако Нефи Усеини тоа го потврди во разговор со „ТВ 24“, медиумите ја објавија информацијата дека на тековниот тендер за избор на таква фирма, една од двете пријавени е токму неговата – „Нефи ИК“.

Не само што изборот на „Нефи ИК“ на тендерот ќе биде врвот на иронијата, со оглед што советникот и самиот е сопственик на две дивоградби (новоотворената пицерија „Луна“ кај Чинарот, како и дивоизградената бетонска база на стариот пат Охрид-Струга), туку во таков случај и договорот ќе биде неважечки и поништен, предупредува Антикорупциска.

Антикорупциска го цитира членот 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, според кој:

„Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Така, фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на советото. Доколку службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи, посочуваат од Антикорупциска.

 

- Реклама -