Антиќ ја доведе Атланта до победа и доби бројни пофалби

Со 98 – 87, екипата на Атланта Хокс,  ја совлада Индијана на домашен терен, па  на тој начин ја прекина серијата од три порази.

Нашиот Перо Антиќ беше еден од најзаслужните за триумфот на Хокси над тимот со најдобар скор во НБА лигата, постигнувајќи 16 поени, а имаше и четири скока, една асистенција и една блокада. Антиќ беше фантастичен и во одбраната, каде го запре одличниот центар на гостите, Рој Хиберт, на само два поени.

Само Кајл Корвер постигна повеќе поени од Антиќ, вкупно 17, додека на спротивната страна најефикасен беше Пол Џорџ со 28 поени.

[youtube]http://youtu.be/2ZdqtatwMYc[/youtube]

Пофални зборови за  Перо Антиќ имаше големиот Џеф Тиг.

-Перо играше фантастично, ја рашири нашата игра во нападот, ги погодуваше шутевите, а потоа на другата страна играше одлично во одбраната. Му ја отежна работата на Хиберт, а тоа е она што ни требаше, вели Тиг.

На последните неколку мечеви Антиќ игра повеќе од 20 минути и како одминува времето тој е се подобар. Досегашниот просек на македонскиот кошаркар во НБА лигата е 5 поени и 2,9 скокови.

-Победата беше многу важна за нас бидејќи имавме три порази во низа. Секогаш е важно да се победи на домашен терен пред своите навивачи. Игравме против еден од најдобрите тимови во лигата и секако дека е важно што им се вративме на победите и треба да продолжиме во ист стил, изјави Антиќ за официјалната интернет страница на Атланта.

- Реклама -