Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ ќе го продолжи својот престој во Олимпијакос за уште една година, откако се договори со управата на актуелниот европски првак за продолжување на меѓусебната соработка.
Антиќ минатото лето потпиша договор на 1+1 година, со тоа што 15 јули беше наведен како датум за последен рок за активирање на клаузулата за втората година од соработката. Грчките медиуми информираа дека управата на Олимпијакос се решила да го раскине договорот со српскиот интернационалец Марко Кешељ, но сосема спротивна била ситуацијата со Антиќ, со кого бил пронајден заеднички јазик и тој уште една година ќе го носи црвено-белиот дрес на европскиот шампион.
Имено, македонскиот ас прифатил мало намалување на платата, што впрочем ќе се однесува на сите кошаркари на Олимпијакос поради зголемените финансиски проблеми на гигантот од Атина. Медиумите кај нашиот јужен сосед најавуваа дека Антиќ би можел да биде еден од оние што ќе си заминат по напуштањето на кормилото од страна на тренерот Ивковиќ, но желбата на македонскиот ас да остане дел од овој клуб ги импресионирала челниците на клубот, коишто решиле да ја продолжат соработката со Македонецот.
Покрај Антиќ, раководството на Олимпијакос решило да ги продолжи и договорите на Кајл Хајнс и на Мартинас Гечевичиус, информација што би требало да биде официјализирана во текот на викендот.