Резултатите од најновата анкета на Австриското друштво за европска политика (ОГфЕ) покажуваат дека Австријците, за разлика од нивните политичари, се против членството на земјите од Западен Балкан во Европска Унија.
Во тој поглед, во мислењето на австриската јавност нема големи осцилации. Имено, 21 отсто од испитаниците изјавиле дека го поддржуваат членството на земјава во ЕУ, додека против се 47 отсто.
Поддршката за членството на Албанија, пак, изнесува 22 проценти, а против се 51 отсто од Австријците.
Австријците не гледаат со благонаклонетост ниту кон членството на Косово во ЕУ. Поддршка изразиле 16 проценти од испитаниците, додека поддршка за членството на Босна и Херцеговина изразиле 29 отсто.
Поддршката за Србија е 24 проценти, а за Црна Гора еден отсто помалку, односно 23 проценти.
Најмала поддршка има Турција, од само 8 проценти.
ОГфЕ од 2010 година спроведува истражување на јавното мислење за пристапот на Западен Балкан и Турција, а сега во истражувањето се вклучени Украина, Молдавија и Грузија.
Според анкетата, членството на Украина во ЕУ го поддржуваат 24 отсто, членството на Молдавија – 22 проценти, а членството на Грузија – 17 отсто од Австријците.
Во анкетата беше поставено и прашањето за проширување на Шенген зоната со Романија и Бугарија. Само 38 отсто од анкетираните би ја прифатиле Бугарија во Шенген зоната, а 36 отсто би ја прифатиле Романија.
„Официјална Австрија одамна се гледа себеси како убеден поддржувач на проширувањето на ЕУ, особено кога станува збор за влезот на државите од Западен Балкан. Сепак, населението традиционално има поинакво мислење за ова прашање. Јавното мислење е поделено по ова прашање и тоа е одраз на политичкиот дискурс. Консолидацијата на Унијата и решавањето на акутните проблеми во јавноста има јасна предност во однос на понатамошното, поголемо проширување на ЕУ“, истакна генералниот секретар на ОГфЕ – Пол Шмит.
Анкетата е спроведена од 11 до 13 април, при што се испитани 1.000 граѓани на возраст од 16 до 80 години.
Извор: МИА