Во еден од најголемите пресврти во историјата на фудбалот, вчера Ливерпул на Енфилд ја потопи Барселона со 4:0, со што го надомести поразот од 3:0 од првиот натпревар на Камп Ноу и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, втора година по ред.
Иако без двата столба во нападот – Салах и Фирмињо, а од почетокот на второто полувреме и без левиот бек Робертсон, „Црвените“ играа како во транс, верувајќи дека можат да го изведат чудото кое многумина не веруваа дека е можно.
Вчерашниот натпревар на Ливерпул, кој играше како едно големо срце (така Клоп го опиша тимот на пресот по натпреварот) на теренот, навивачите на Црвените, но и љубителите на фудбалот ширум светот, долго нема да го заборават.
Бени Зандер – спортски коментатор на DAZN, на Твитер низ шега објасни колку многу значи оваа победа за навивачите и кој ќе биде еден од главните потсетници во иднина за она што се случи вчера:
„Сочувство за кутрите англиски деца кои до крајот на животот ќе мора да објаснуваат зошто, по ѓаволите, се викаат Јирген“, напиша тој.
Habt mal ein bisschen Mitgefühl mit den armen kleinen englischen Jungs, die für den Rest ihres Lebens erklären müssen, warum zur Hölle sie eigentlich Jürgen heißen. #LIVBAR #LFCFCB #Klopp
— Benni Zander (@BenniZander) May 7, 2019
На крајот, Ливерпул заслужено оди на финале во Мадрид, а што и да се случи таму, веројатно нема многу да ги промени чувствата кон Јирген Клоп, кој очигледно знае како да ги мотивира момците да поверуваат во невозможното. Впрочем, негови зборови:
„Им реков дека (враќање од 0:3 против Барселона) е невозможно, но бидејќи сте токму вие, момци, мислам дека имаме шанса“.