Англија по пеналите до полуфиналето на ЕУРО


Англиските фудбалери се пласираа во полуфиналето на Европското првенство, откако во саботата во Дизелдорф на пенали ја победија Швајцарија со 6:4, а Англичаните ги чека подобриот од дуелот меѓу Холандија и Турција.

Швајцарија поведе во 75. минута, а стрелец беше Брил Емболо. Водството кратко траеше, бидејќи само пет минути подоцна Букајо Сака израмни на 1:1. Потоа немаше голови во продолженијата, па патникот во полуфиналето се бараше преку ударите од белата точка.

Сите пет англиски изведувачи погодија од пенал: Палмер, Белингем, Сака, Тони и на крајот Александар-Арнолд го постигна победничкиот гол за пласман. Кај Швајцареците Акањи шутираше прв а неговиот удар го одбрани Пикфорд, што се покажа како клучниот момент од пенал рулетот.

На тој начин Англија го следеше она што го направија Шпанија и Франција претходно на овој шампионат, додека Швајцарија и натаму остана во неуспешна потрага по полуфинале на едно од големите натпреварувања.

Првите 45 минути минаа без ниту еден удар кон голот на ниедна екипа. Англија беше подобра, поагресивна и растчана. Одлично и високо притискаше на половината на Швајцарците, кои беа апсолутно немоќни во првото полувреме, а шансите беа ретки. Првото поголемо возбудување се случи во 16. минута кога Англичаните бараа пенал по потенцијалниот фаул над Кејн. Ништо не се случи во таа прилика, ниту се случи шест минути подоцна кога англискиот напаѓач Кејн непрецизно шутираше со глава.

Меѓу сите играчи се истакна англискиот репрезентативец Сака, кој неколкупати ја пробиваше десната страна и се чинеше дека само така Англија може да се закани на вистински начин. Токму така се случи и најубавата шанса во првото полувреме, дури во 45. минута. Сака силно се проби отстрана и мина двајца Швајцарци, испрати повратна топка на која беше Мајно, но Џака влезе во неговиот удар и спречи можна опасност за Швајцареците. Од друга страна, Швајцарија ужасно се мачеше да го затапи англискиот притисок и напаѓачите Ндоје, Варгас и особено Емболо беа целосно отсечени од остатокот од тимот.

Почетокот на вториот дел конечно ги разбуди Швајцарците, иако и двајцата голмани сè уште беа прилично неактивен. Сепак, во 51. минута првиот удар ја погоди рамката од голот, а автор беше швајцарскиот напаѓач Емболо. Тоа беше повеќе додавање кон англискиот голман Пикфорд отколку вистинска закана.

Швајцарија продолжи поенергично да ги пристиска Англичаните, па во 57. минута Родригез упати добар центаршут, но Емболо не стигна до топката, додека две минути подоцна беше уште поопасно за Англија. Ндоје убаво ја донесе топката во англискиот шеснаесетник, но изостана подобра искористеност на Варгас. Швајцарија имаше шанса во 66. минута. Ебишер потоа се обиде со волеј, но ниту тоа не беше доволно за да го промени резултатот.

Сево ова беше најава за она што се случи во 75. минута, големо славје на швајцарските фудбалери и навивачи. Ндоје ја уфрли топката во противничкиот шеснаесетник. Стоунс не успеа да ја отстрани опасноста и Емболо, со Вокер на грбот, ја заби топката во мрежата за водство на Швајцарија од 1:0.

Селекторот на Англија Саутгејт веднаш реагираше со три измени. Поради примениот гол неговите играчи веднаш тргнаа и брзо израмнија, но тоа беше исклучиво мајсторија на еден играч. Сака налета на средината од десната страна и одлично ниша од врвот на шеснаесетникот и погоди во спротивниот агол од швајцарскиот гол за 1-1.

До крајот на основниот дел од играта секоја екипа имаше по една шанса за победа. Во 88. минута Езе шутираше покрај голот, додека во 93. минута Емболо најпрво ја промаши топката а Зубер беше непрецизен во вториот обид.

Во првото продолжение Англија имаше две шанси. Најпрво во 95. минута Рајс имаше одличен удар од повеќе од 20 метри, но одлична беше реакцијата на швајцарскиот голман Зомер. Во 102. беше полесно за швајцарскиот голман, Белингем шутираше право во него. Во второто продолжение Швајцарија беше подобра, па непосредно пред изведувањето на пеналите Шаќири директно од корнер ја погоди стативата од англискиот гол, а ударот на Амдуни потоа го одбрани Пикфорд. Токму Пикфорд потоа го одбрани уарот на Аканџи од белата точка, кој го реши севкупниот победник, бидејќи сите англиски играчи беа смирени и прецизни, па се пласираа меѓу четирите најдобри репрезентации.

- Реклама -