Мнозинството граѓани го оправдуваат палењето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, а токму тоа – да биде запален и/или искршен, било намерата на бугарските власти со неговото отворање, оцени директорот на ЦУК и претседател на „Достоинство“ – Стојанче Ангелов, во „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“, откако денеска јавноста ја запали веста дека македонскиот пејач Ламбе Алабаковски го подметнал пожарот.
„Изборот на контроверзна личност од старт е провокација. Ламбе, како млад човек, од негови познати причини, го запалил“, рече Ангелов.
Во „Само вистина“, Ангелов рече и дека Ванчо Михајлов, колку и да е контроверзен, е дел од нашата историја, а притоа потенцираше дека тој бил еден од претседателите на ВМРО, односно дека бил „претходник на Љубчо Георгиевски, ако ги броиме конгресите на ВМРО-ДПМНЕ“.
Ако не бил Ламбе Алабаковски, некој друг ќе наседнел на провокацијата, смета Ангелов, кој потенцираше дека го разбира и оправдува неговиот револт, но дека не го оправдува начинот на кој реагирал. Вината во случајов е индивидуална, но Ламбе не требало да постапи така, бидејќи „ние сме држава и имаме механизми како да ги решиме овие крупни прашања“, додаде претседателот на „Достоинство“.
Сепак, според него, штетата ќе била поголема доколку не се дозволело да биде отворен клуб под вакво име.
Извор: Локално.мк