Она што пред сѐ друго го покажуваат Заклучоците за Западен Балкан е дека, за разлика од она што нѐ лажеше СДСМ, Бугарија не е сама во блокирањето – истакна Стефан Андоновски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во гостувањето на „Топ Тема“ на „Телма“. Со други зборови, постигнат е консензус на ниво на земјите членки со којшто не се овозможува отворање на преговорите односно отпочнување на првата меѓувладина конференција, вели тој.
Како втор важен аспект од подредената позиција на Македонија, Андоновски го посочи тоа што со Договорот за добрососедство, билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија, меѓу кои и историјата, сега се ставени да бидат услов за почеток на преговорите, но и понатаму, при отворање на секое од поглавјата поединечно. Во овој контекст, Андоновски го спомена и „бришењето“ на предметот историја од образовниот модел, а реформата на Царовска ја оцени како жален обид за отстранување на историските прашања.
Како трет аспект, Андоновски го спомена блокирањето од страна на Бугарија на договорот меѓу Македонија и ЕУ во делот на Фронтекс, само поради тоа што има проблем со македонскиот јазик.
„Овие три аспекти комплетно ја блокираат и поништуваат позицијата на Владата на Македонија, која што велеше дека не разговара за идентитетски прашања. А гледаме дека токму тие идентитетски прашања со Договорот успејаа да ги вметнат да станат услов за отпочнување на преговори“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, со неотпочнувањето ан преговорите, државата е доведена до сериозен ќорсокак, односно притисната до ѕид, а изборот на граѓаните се сведува на 1) интеграција преку асимилација, или 2) комплетна изолација.
Прашан кој од овие би бил изборот на ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски истакна дека ЕУ останува стратешки партнер и стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ, но дека тие никогаш не би потпишале договор со кој македонскиот јазик, историја и идентитет би биле поставени како услови за почеток на преговори.
„Изборот на ВМРО-ДПМНЕ е принципиелен и трае веќе 20 години, а тоа е дека Европската унија е наш стратешки партнер, но во исто време и стратешка цел на Македонија како развој. Но, тоа не смее да се случи со погазување на клучните идентитетски прашања. Тоа значи дека ние никогаш не би потпишале договор со кој би се ставиле македонскиот јазик, историја, идентитет да бидат услови за отпочнување на преговори“, појасни Андоновски.