Една недела откако со првите дози на вакцината на Фајзер беа вакцинирани здравствените работници во САД, се вакцинираше и новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, пред камера. Неколку часа порано, се вакцинираше и неговата сопруга Џил Бајден.
Во обраќањето по примањето на вакцината, Бајден ги пофали здравствените научници за брзиот развој и дистрибуцијата на вакцината, но посочи и дека делумна заслуга имала администрацијата на неговиот претходник Доналд Трамп, со операцијата „Warp Speed“ во забрзувањето на процесот.
„Ова е голема надеж. Го правам ова за да демонстрирам дека луѓето треба да се подготвени, кога ќе биде достапна, да ја добијат вакцината. Нема простор за загриженост. Со нетрпение ја чекам втората доза, исто и Џил. Таа ја прими нејзината нешто порано денеска. Таа обожава шотови* (shot – израз што се користи и за инекција), знам“, рече Бајден.
Тој посочи дека ќе биде потребно време и ги повика Американците да ги слушаат експертите и да носат маски и да ја запазуваат социјалната дистанца, како и да не патуваат во празничниот период. „Сѐ уште сме во средиштето на сето ова. Едно е да ја имаме вакцината во болниците, а друго е вакцината да стигне до луѓето преку игла во раката“, рече новиот претседател, алудирајќи дека не е доволно вакцината да е достапна, туку потребно е и доволно луѓе да сакаат да се вакцинираат.
Вакцината на Фајзер (Phizer) инаку, подразбира примање на две дози со растојание од неколку недели, со што добива ефикасност од 95%. Засега нема информација кога сопружниците Бајден ќе ја примат втората доза.